1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во предност адвокатите со безбедносни сертификати

Адвокатите кои поседуваат безбедносен сертификат не мора да чекаат декласификација на актите за случајот „Шпион“ и уште сега може да побараат увид во нив.

Првиот судски случај во Македонија за кривичното дело шпионажа ги отвори дилемите под какви услови ќе се одвива судењето: Дали и колку јавноста ќе може да „знае"? И дали на учесниците во судскиот процес им се потребни бебзедносни сертификати, со оглед дека ќе имаат увид во информации класифицирани со различен степен - „тајна", „строго доверливо", „доверливо" или „интерно"?

Истражниот судија од Одделот за организиран криминал, Владимир Туфегџиќ, вели дека не се потребни безбесносни сертификати, бидејќи ќе се декласифицираат актите кои ќе бидат користени во судскиот процес.

„Постапката е следна: Кога до Судот ќе стигнат класифицирани акти, ние се обраќаме до доносителот на тие акти, на пример, до МВР, и бараме да го симне степенот на тајност. Потоа добиваме повратно писмо од овластено лице во МВР за нивна декласификација. Актите кои се декласифицирани, може да се користат само за службена употреба во судската постапка. Адвокатите и странките во спорот имаат право на увид во нив за да може да ја подготват одбраната, но тие акти не смее да ги коментираат во јавноста", објаснува Туфегџиќ.

Тоа значи дека за сите докази на кои претходно ќе им биде симната тајноста, ќе може да се говори само во судницата. Јавноста нема да дознае врз основа на кои докази се уапсени и им се суди на осомничените во случајот „Шпион".

Поедноставна постапка

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht Gebäude

Скопје

Упатените во оваа проблематика велат дека постапката за декласифицирање на информациите е поедноставна. Во случај кога се потребни безбедносни сртификати, нив ќе мора да ги обезбедат сите корисници на класифицирани информации во судскиот процес, а тоа е многу широк круг - обвинители, судии, адвокати, дактилографки, многу технички лица кои по службена должност имаат пристап до нив и новинари.

Гордан Калајџиев, професор од Правниот факултет на УКИМ и претседател на Хелсиншкиот Комитет, се согласува дека на јавните обвинители, судиите и бранителите не би требало да им е потребен безбедносен сертификат, бидејќи тие од една страна имаат овластувања по функција, а од друга страна работат со декласифицирани информации. Но, ја акцентира важноста од увид на јавноста во судскиот процес.

„Во Законот за кривична постапка поимот 'класифицирани информации' не се користи, но содржински се поклопува со поимот 'тајна'. Начелно, претходната постапка - предистражната полициска, обвинителската постапка на т.н. 'претходно прибирање известувања' и судската истрага - се сметаат за тајни. Прво, во смисла дека заради презумпцијата за невиност лицето за кое постојат се уште неосновани или недоволно проверени сомневања да не се изложува на етикетирање и јавна осуда, но и заради ефикасноста на самата истрага. Јавно е дури после судењето. Јавноста на судењето е важна од повеќе причини: обезбедување фер судење за осомничениот заради опасноста од монтирани политички процеси и слично, но и пошироко - обезбедување контрола врз судството од страна на јавноста, медиумите, невладините организации", потенцира Калајџиев.

Засега сѐ уште не е прецизирано дали барем еден дел од судскиот процес ќе биде отворен за јавноста, оној во кој ќе се води постапката за кривичните дела измама и уцена.

„Сѐ уште е рано, за тоа ќе одлучи Судот", велат судски извори.

Истрагата тече

Сѐ додека доказите се водат како класифицирани, тие нема да бидат достапни ни за адвокатите. Исклучок се оние кои веќе имаат безбедносен сертификат, обезбеден претходно за други случаи. „Адвокатите кои поседуваат безбедносен сертификат се во предност, бидејќи тие не мора да го чекаат процесот на декласификација на актите. Тие уште сега може да побараат увид во нив", објаснува Туфегџиќ.

Засега не се знае колку од адвокатите вклучени во судскиот процес за случајот „Шпион" имаат безбедносни сертификати. Од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ) која е овластена за издавање на безбедносни сертификати, објаснуваат дека таков документ имаат голем број овластени лица.

„Одредени адвокати и членови на адвокатски канцеларии пред подолг временски период се имаат јавено во Дирекцијата, со барање за издавање на безбедносен сертификат што им бил потребен во одредени судски постапки и на истите им бил издаден бараниот сертификат. Судии на Кривичен суд, судии поротници, судии на Апелациски судови, судии на Врховен суд, јавни обвинители од сите степени на надлежност, како и од организиран криминал, во најголем број поседуваат безбедносен сертификат што досега им бил потребен во извршувањето на нивните задачи. Не ни е познато дали и кои од погоре наведените категории лица во моментов се вклучени во процесот за случајот 'Шпион'", велат од ДБКИ.

Истрагата за „Шпион" забрзано тече. Во тек е постапка за симнување на степенот тајност на доказните материјали, во тек се и вештачења на материјалните докази. Истрагата треба да финишира со обвинение најдоцна за 6 месеци од приведувањето на осомничените. Во акцијата „Шпион" првично беа уапсени 17 лица, а од едно од трите лица по кои беше распишана меѓународна потерница пред една недела беше уапсено во Чешка. Најголемиот дел од уапсените се поранешни и сега вработени во безбедносните ресори. Тие се осомничени за шионажа во корист на странски безбедносни служби, како и за уцени и измами.