1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во првите реакции различни оцени за изборите во Нигерија

Изборната комисија ги фали како историски меѓник, опозицијата најави дека нема да ги признае резултатите, а меѓународните набљудувачи се’ уште се воздржани.

default

Гласањето беше слободно и ќе влезе како посебно значаен датум во историјата на земјата, рече претседателот на Националната изборна комисија Морис Иву: “Немаше поголеми инциденти, освен што изборите на некои избирачки места започнаа подоцна и поради тоа дозволивме продолжување. Изборите претставуваа голем успех, го надминавме проклетството”. Задоцнувањата биле предизвикани од препечатување на ливчињата за претседателските избори, откако минатиот понеделник Врховниот суд ненадејно му дозволи на потпретседателот Атику Абубакар да учествува, образложи Иву.

10 илјади претставници на најголемата домашна набљудувачка организација Транзишн мониторинг груп насекаде во земјата забележале значителни прекршоци – од големи задоцнувања, до некомплетни избирачки ливчињаи отсуство на кабини за гласање. Претседателот на организацијата Иносент Чуквума оцени: “Сето тоа му ја одзема вверодостојноста на целиот проект. Истото го забележавме и во 1999-та и во 2003-та. Сега мораме да се прашаме дали оваа фарса и натаму сакаме да ја нарекуваме избори. Поради тоа ние ги отфрламе резултатите на изборите од 21-ви април”.

И двајцата најважни кандидати на опозицијата Мухамаду Букари и Атика Абубакар изборите ги означија како фарса. “Имаше симболични избори во главните градови на сојузните држави и никаде на друго место. Но, надвор од тие градови живеат 70 - 80 насто од Нигеријците. Ако ним им е украдено избирачкото право, каков вид на избори тогаш беа одржани?” – запраша Абубакар и најави средба со други опозициони партии за договор за заедничко постапување. Надежите се врзуваат за правосудството.

Главниот фаворит Умару Јар’дуа од владеачката Демократска партија најави дека ќе респектира секаков резултат.

Меѓународните набљудувачи се воздржани. Набљудувачката група на Комонвелтот, составена од само 17 членови, искажа пофалби дека во споредба со регионалните избори, имало подобрување кај безбедноста и организацијата, но групата не даде оцени за изборите во целост. “Целата постапка не е завршена. Го набљудувавме гласањето. Но, сега треба да бидат собрани и објавени резултатите. Ќе се воздржиме од заклучоци додека не заврши тоа” – рече претседателот на групата Џозеф Вариоба од Танзанија.