1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во потрага по стратегиско партнерство

Рускиот претседател Владимир Путин е во посета на Индија. Toj e и почесен гостин на Денот на Републиката што се одбележува во целата земја, пред се’ во Њу Делхи каде што се одржува воена парада, проследена со уметничко шаренило.

Путин и Синг во Њу Делхи

Путин и Синг во Њу Делхи

Во 50-сеттите години мелодрамските филмови на индискиот режисер Раџ Капур внесуваа барем мала промена во тажното секојдневје на повоена Русија. Со часови луѓето стоеја во опашките на грозниот студ за да дојдат до билет повеќе. Во 1971 година се покажа колку се блиски политичките односи меѓу двете земји во тогашното време на студената војна. Во третата војна меѓу смртните непријатели Индија и Пакистан водена за независноста на Бангладеш од Пакистан, Советскиот сојуз застана на страната Индија, а против Пакистан и неговиот сојузник САД. Денес, скоро 70 проценти од индиската воена опрема потекнува од советско, односно од руско производство. Индиската влада проценува дека во наредните пет години ќе потроши околу 10 милијарди долари за воени цели.

Посетата на Путин има три цели

За индискиот воен експерт Удај Башкар е сосема јасно дека на Индија и е потребна Русија, подеднакво како и обратно:„Посетата на Владимир Путин има 3 цели. Најнапред Путин сака политички да го заживее специјалното партнерство меѓу Индија и Русија. Второ, за него е важна стратегиската и воената компонента и, трето, подрачјето на енергијата. Мислам дека Русија е во состојба на извесен начин да ја задоволи индиската глад за енергија, како во цивилното користење на атомската енергија, така и со испораките на нафта„.

Во моментов во Индија се градат два руски атомски реактора, неколку други треба да се појават со помош на Русија. Индија годинава очекува економски растеж од 10 проценти и затоа итно трага, како и вториот азиски џин Кина, можности да обезбеди енергија. Освен тоа, Индија сака да купи 126 нови борбени авиони за своето воено воздухопловство, една од најголемите нарачки во светот во последниве години. На овој план Русите го нудат својот модел – МИГ-35. Русите го поддржуваат и барањето на Индија за постојано место во Советот за безбедност, што за Индусите би бил симбол за растечката политичка тежина во светот.

Њу Делхи ќе ја бира најдобрата опција

Понуди доставија и Франција, Шведска и САД. Од тие причини Њу Делхи сосема мирно може да ја одбере најдобрата опција, вели политологот Герхард Симон од универзитетот во Бон:„Индија во моментов е во многу погодна политичка ситуација. Од една страна се САД кои на Индија и дадоа предност наа атомски план. Од друга страна се Русија и секако Европската унија. Отаму, Индија се наоѓа во комфорна позиција, барана за партнер и од малите и од големите соседи„.

Стопанските врски решавачки

За да се засили стратегиското партнерство меѓу Русија и Индија, покрај политичките односи, решавачки треба да се подобрат стопанските врски, вели експертот Удај Башкар. Ако тоа не се случи, ќе остане само усмената алијанса: „Најголемиот предизвик за Индија и Русија е билатералната трговија што расте многу бавно: во последната деценија од 2 милијарди на 3,5 до сепак нешто под 4. Значи трговскиот волумен не се ни удвои, додека трговијата меѓу Индија и Кина или САД, драстично порасна. Сепак, сметам дека раководствата на двете земји се свесни за тој проблем. Но, додека тоа не се зголеми нема да има ништо од тоа што го бара Путин со неговата посета. Зашто 21 век е доминантно фокусиран на трговија, зделки и економски односи„.

На обете страни се вели дека односите меѓу Русија и Индија со времето се докажаа. Сепак, во Русија новото приближување меѓу Индија и САД се посматра со скепса. Американскиот претседател Џорџ Буш при посетата на Индија во март минатата година потпиша спорен нуклеарен договор со кој не само што ја призна земјата како атомска сила, туку и вети великодушна поддршка во атомското подрачје. Токму од тие причини Русија сака колку што е можно побргу да ја избегне старата конкуренција и да ги обезбеди Индија и Кина како свои партнери.