1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во потрага по мир и дијалог

Под мотото „Религијата и културата- нераскинлива врска меѓу народите“ од денеска (07.05.2010) Охрид е домаќин на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

default

Црквата Свети Наум во Охрид

На конференцијата се очекува луѓето од сите бои и раси отворено да проговорат за религијата и културата како фактори на мирот, нивната улога во трансформацијата на општеството, за почитувањето на верските права и разликите на културите како темел на мирот и просперитетот. На панел дискусии, пленарни средби и билатералки, истакнати религиски лидери, интелектуалци и политичари ќе се занимаваат со интеррелигискиот и интеркултурниот дијалог.

Welt Konferenz - Dialog der Kulturen und Religionen in Ohrid

Од минатогодишната конференција во Охрид

Министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа – Милеска за Дојче веле ги предочува очекувањата од конференцијата :

„И со првата Светска конференција потврдивме дека Македонија е лидер во почитувањето на сите верски заедници и дијалогот меѓу културите, а тоа ќе го сториме и со оваа конференција. Со потпишувањето на декларацијата се потврдува подготвеноста и решителноста сите активно да учествуваме во јакнењето на мирот, соработката и взаемното разбирање меѓу човечкиот род. Со конференцијата се подвлекува и виталноста на религијата, суштинската улога на културата во чувањето и унапредувањето на универзалните вредности .“

Во Охрид најавено е присуството на претставници на Руската православна црква, Ватикан, евангелско – методистичката црква од Швајцарија и Австрија, рабини од САД и професори - теолози од Романија и Бугарија. На конференцијата како што се дознава нема да има претставници од Српската православна црква, со која МПЦ има застој во меѓусебниот дијалог. Иако најави бојкот, Исламската верска заедница од Македонија ќе има своја делегација на големиот меѓурелигиски собир на кој се очекуваат над 30 делегации од повеќе конфесии.

Да се доближат моралните принципи

Panoramabild von Ohrid

Можно ли е поларизираните светови да се доближат низ призмата на религијата ? Дојче веле го праша отец Стефан Санџакоски, професор на Теолошкиот факултет во Скопје:

„Апсолутно дека е можно приближувањето, усогласувањето барем на моралните принципи, коишто се приближно еднакви во сите религиозни системи. Но, апсурдно е и утописко очекувањето сите религиозни системи и заедници да се стопат во една безлична амалгамична религиозна заедница. “

Се одбележуваат три јубилеи

Втората свтска меѓурелигиска конференција се одржува во Меѓународната година на Обединетите нации за зближување на културите и декадите за дијалог меѓу цивилизациите и за културата на мирот на ООН и УНЕСКО. Со неа се одбележуваат и три јубилеи: 100 години од раѓањето на светската хуманистка Мајка Тереза , 1100 години од раѓањето од упокојувањето на Свети Наум и 1400 години од објавувањето на коранот.

Организатори на конференцијата се Министерството за култура во соработка со Комисијата за верски заедници, Владата на Република Македонија и УНЕСКО, којшто помогна со 50 000 долари.

Автор : Милчо Јованоски

Редактор. Жана Ацеска