1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во потрага по грешниците меѓу земјите од Г20

Земјите од Г20 преземаат сериозни чекори за намалување на економската нерамнотежа меѓу поединечните држави. Постигната е согласност околу постапката за подетална анализа на стопанствата на одделни држави.

default

Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле

Економската нерамнотежа меѓу поединечните држави од Групата 20 најразвиени земји и земји во развој важеше за една од причините за светската економска и финансиска криза. Под претседателство на француската министерка за финансии, Кристин Лагард, земјите од Г20 на вчерашната средба во Вашингтон постигнаа согласност околу постапката, која овозможува подетална анализа на стопанството на една држава и соодветни совети за надминување на недостатоците.

„Сега имаме средства и начин на кој ќе можеме вистински да ја испитаме стопанската политика на одредена држава и да ги анализираме ефектите од неа“, нагласи Лагард во Вашингтон.

Flash-Galerie G20 Treffen Paris 2011

Кина, Јапонија и САД меѓу остнатите кандидати за проверка

И Германија на нишан?

Кои земји од Г20 ќе бидат ставени под лупа засега е отворено прашање. Меѓутоа, се очекува и Германија да биде една од нив, со оглед на суфицитот што го остварува во надворешната трговија. Министерот за финансии, Волфганг Шојбле, на маргините од состанокот рече дека не би го чудело, доколку Германија навистина се најде меѓу седумте земји, што ќе бидат детално испитувани. Во случај да дојде до тоа, Берлин има добри контра-аргументи, нагласи Шојбле: „Ако дојде до тоа, тогаш ќе се покаже дека суфицитите што ги остваруваме во извозот се резултат на големата конкурентност на приватниот сектор, а не на девалвација на заедничката валута, еврото“, се бранеше Шојбле.

Меѓу останатите кандидати спаѓаат вообичаените осомничени: Кина, Јапонија и САД. Во февруари земјите од Г20 во Париз постигнаа договор околу индикаторите, врз чија основа ќе се утврдува стопанската нерамнотежа меѓу земјите. Тука меѓу другото влегоа дефицитите или суфицитите во трговијата и капиталниот биланс, државните задолжувања и јавните дефицити, како и висината на приватните штедни влогови.

Врз основа на тие индикатори, во иднина економиите на земјите од Г20 треба да бидат надгледувани и да се преземаат мерки за израмнување на нерамнотежата, како на пример во надворешната трговија или, пак, при зголемени државни долгови. Француската министерка за финансии, Лагард, истакна дека постигнувањето на договорот е голем успех. Со него ќе се задржи динамиката на натомошно заживување на економијата и ќе се спречат следни финансиски кризи.

Автор: Ролф Венкел/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM