1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во последен момент избегнат банкротот на САД

Американскиот претседател Барак Обама се воздржа од триумфирачки гестови, но очигледно му олесна: по изгласувањето во Конгресот на компромисот за буџетот, го потпиша законот со кој земјата избегна платежна неспособност.

На само два часа пред полноќ, кога САД ќе ја надминеа границата на долгот и ќе влезеа во банкрот, двата дома на американскиот Конгрес одобрија договор со кој се зголеми границата на долгот и се дозволи финансирање на Владата до средината на јануари. Исходот на двонеделната буџетска блокада е победа на претседателот Барак Обама и неговата Демократска партија. Републиканците се обидоа да го блокираат финансирањето на здравствената реформа, „Обамакер“, но на крајот, соочени со внатрешен раскол и можните катастрофални економски последици од банкротот на САД, отстапија и добија само една помала отстапка во спроведувањето на „Обамакер“.

„Веднаш ќе почнеме со повторна работа на владините служби, со цел да го кренеме овој облак од несигурност над нашата економија и нашиот народ. Имам идеи и за остатокот на годината, како да ја вратиме довербата на нашиот народ, која беше загубена, да се фокусираме на прашањата за кои граѓаните навистина се загрижени“, изјави претседателот Барак Обама, додека Конгресот сѐ уште гласаше за предложеното решение.

По неуспехот на Претставничкиот дом и спикерот, Републиканецот Џон Бенер да дадат свој предлог, иницијативата вчера ја презеде Сенатот, каде Демократите имаат мнозинство. Републиканските членови на Сенатот од крајот на минатата недела почнаа да даваат свои предлози за надминување на кризата, во кои се откажуваа од барањата на своите сопартијци од Претставничкиот дом, поради што при вчерашното гласање Сенатот, околу 8 часот вечерта, го одобри предлогот со 81 глас за и 18 гласа против.

Компромис со Обамакер

Предлогот предвидува една нова мерка, со која ќе се бара од граѓаните кои ќе се пријават за здравствена заштита според програмата „Обамакер“, и притоа ќе побараат да добијат субвенции поради тоа што се сиромашни, да мораат да достават доказ за нивната имотна состојба.

Првичната верзија на „Обамакер“ ја предвидуваше оваа опција, но подоцна претседателот Обама и конгресмените решија законот да се спроведува ‘на чесен збор’. Со новата верзија на законот, оваа одредба повторно е вратена. Сите гласови против во Сенатот беа на републикански сенатори, кои се спротиставија на нивниот водач Мич Мекконел, кој го состави конечниот предлог заедно со демократскиот спикер на Сенатот Хери Рид.

Претставничкиот дом гласаше за предлогот. Спикерот Бенер можеше да одбие да се гласа за овој предлог, повикувајќи се на правилото да не се гласа за закон кој ја нема поддршката на мнозинството од мнозинската партија. Но, тој претходно најави дека, поради наближувањето на полноќ, нема да го попречува гласањето за предлогот.

„Водевме чесна борба, но не победивме“, изјави спикерот Ставањето на предлогот на гласање, откако за него позитивно се изрази и претседателот Обама, значеше дека и демократските членови на Претставничкиот дом масовно ќе го поддржат. На крајот, 285 конгресмени го поддржаа решението. Од нив 198 беа Демократи, а 87 Републиканци. Против решението гласаа 144 конгресмени, сите Републиканци, претставници на конзервативното крило и на „Ти“ партијата, кои беа најгласни во повиците да се запре државното навлегување во здравствениот систем преку „Обамакер“, и да се почне со намалување на долгот кој веќе денес ќе ја пробие границата од 16,7 билиони долари.