1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Во пожар во психијатриска клиника загинаа десетици луѓе

Во пожар што изби во психијатриска клиника, во близината на Москва, загинаа најмалку 38 лица. Се спасија само една медицинска сестра и двајца пациенти.

Пожарот се раширил многу брзо, јави руската новинска агенција Итар Тас, повикувајќи се на информации од локалните власти и Министерството за здравство во Москва. Се претпоставува дека причина за пожарот е можеби негрижливо однесување со оган. Се смета за неверојатно пожарот да бил подметнат. Рускиот претседател Владимир Путин побара расчистување на случајот најбрзо што е можно.

Голем дел од пациентите биле под дејство на силни лекови, а освен тоа не можеле ниту да ги отворат прозорците, на кои имало решетки, напиша весникот „Комсомолскаја Правда“ на својата интернет страница.

Ирина Гуменаја, портпарол на истражните органи, изјави дека најмалку 29 жртви биле живи кога ги зафатил пламен. Најверојатно пожарот избил во заедничка просторија, каде се запалила софа. Се претпоставува дека огнот се распламтел од цигара на некој од новопримените пациенти.

Додека противпожарните екипи стигнале на местото на несреќата минал цел час, затоа што наместо да одат по кратка линија преку вода, морале да возат по заобиколница поради тоа што ноќе не возат траекти. Освен тоа, како што напиша порталот „Лајфњус“, во првите две возила кои пристигнале кај клиниката немало вода за гаснење.

Во Клиниката, покрај ментално ретардирани лица, биле сместени и зависници од алкохол и дрога. Објектот што изгоре е еден од четирите објекти во комплексот. Безбедносните услови во клиниката биле контролирани минатиот август и немало забелешки.