1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во очекување во Сирија да проработи разумот

Во Сирија продолжува масакар врз цивилите и дезеретерите. Набљудувачите на Арапската лига се очекува да го зголемат притисокот врз режимот на претседателот Башар ел Асад, да запрат насилствата.

default

Власта постојано одговара со сила на демонстрациите

Во сенка на речиси секојдневните информации за масакар врз цивили и дезертери во Сирија, денеска во Дамаск се очекува да пристигне 14-члена делегација на Арапската лига, која треба да го подготви теренот за набљудувачката мисија на оваа организација во Сирија. Во тимот треба да се вклучени набљудувачи за безбедност, право и управа. Подоцна треба да следуваат експерти за човекови права. Сирија одобри влез на набљудувачка делегација дури на почетокот на оваа недела, по повеќемесечно противење на предлогот од Арапската лига.

САД бараат оставка на Асад

САД во меѓувреме повторно бараат оставка на претседателот Башар ел Асад и се закануваат со натамошно зголемување на притисокот врз режимот. Сириската влада два дена по потпишувањето на договорот со Арапската лига за прекин на насилството го прекрши договореното, се вели од Вашингтон. САД „се длабоко потресени околу веродостојните информации, според кои режимот на Асад и натаму своеволно убива десетици цивили и дезертери, уништува продавници и куќи и апси демонстранти без никаков процес против нив“.

Според податоци на сириската опозиција, режимот на Асад во провинциите Идлиб и Хомс во понеделникот и во вторникот неделава извршил масакри, убивајќи 250 лица. Сирискиот национален совет се заложи за формирање на „безбедносна зона“ во провинциите. Оваа зона би требало да има меѓународна заштита.

Трпението е при крај и во ОН

Во меѓувреме трпението е при крај и во ОН. Германскиот амбасадор во ОН, Петер Витиг ја повика Русија на сериозни и итни преговори за резолуција за Сирија во Советот за безбедност на ОН. Москва пред една недела ненадејно изнесе предлог резолуција, која другите членови на Советот ја оценија како недоволна. Русија засега не направи никакви промени на предлогот и покрај критиките, се вели од дипломатски кругови. Предлогот на Москва не прави разлика меѓу бруталното насилство на режимот на Асад и противодбраната на цивилната опозиција и двете страни ги осудува подеднакво.

Русија и Кина со месеци блокираат осуда на режимот на Асад во ОН, за која се залагаат западните земји. Таквата предлог резулоција пропадна поради ветото од Пекинг и Москва.

Автор: АТ/ ЖА/ дпа/ афп

Редактор: Жана Ацеска