1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во ОН ќе се гласа за резолуција за Сирија

Нацрт резолуцијата за Сирија ја подготовија Саудиска Арабија и Катар и со неа меѓудругото се бара и именување специјален претставник на Обединетите Нации за Сирија.

Генералното собрание на ОН утре (16.02.2012) треба да гласа за резолуција за конфликтот во Сирија. Ова беше објавено во Њујорк, каде дипломати од Саудиска Арабија и Катар ја разделија подготвената предлог- резолуција. Во неа остро се осудуваат повредите на човековите права од страна на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и се поддржува планот на Арапската лига за ставање крај на 11-месечниот конфликт. Во новата резолуција за Сирија, уште се повикува сирискиот претседател Башар ал Асад да ги прекине смртоносните напади врз цивилите, и се бара и именување специјален претставник на ОН за Сирија.

Прифаќањето на резолуцијата важи за сигурно спротивно на Советот за безбедност, каде резолуциите за Сирија беа блокирани од Русија и Кина, кои како постојани членки на Советот имаат прави на вето. Од друга страна во Генералното собрание на ОН нема право на вето.

Исламската конференција против воена интервенција во Сирија

Организацијата исламска конференција (ОИК) во меѓувреме повика на поголем дипломатски притисок врз Владата во Сирија, со цел таа да биде приморана да преговара со опозицијата, но соопшти дека е против странска воена интервенција во земјата.

Генералниот секретар на 57-члената организација Екмеледин Ихсаноглу изјави во Канбера дека воената операција само би му наштетила на сирискиот народ, давајќи примери со конфликтите во Ирак, Либија и Сомалија.

„Сите тие интервенции ја влошија ситуацијата наместо да го решат конфликтот“, истакна Ихсаноглу.

Претставници на светските сили, како и ОИК и Арапската лига, ќе се сретнат на 24 февруари во Тунис на конференцијата „Пријателите на Сирија“ и ќе се обидат да најдат начин за мирно решавање на конфликтот во Сирија.

Автор: СН/ БГ/ дпа/ ртр/ афп/ миа

Редактор: Александра Трајковска