1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Ново Село мирно, селаните револтирани

По акцијата на македонската полиција, состојбата во тетовското Ново село е мирна. Селаните и локалните политичари незадоволни од начинот на кој била спроведена рацијата. Велат во селото нема оружје.

default

Селаните велат во Ново село нема оружје

Десетица парчиња огнено оружје, од кои 3 автоматски пушки – „калашникови“, потоа пиштоли, револвери, придушувачи за тоа оружје, неколку бомби и тромблонски мини, како и поголемо количество муниција, беа пронајдени вчера вечерта во тричасовната акција на специјалните единици на полицијата во Ново село, Тетовско, при претресот на куќата на 59 годишниот Демир Мифтари. Тој бил уапсен синоќа со тројцата негови синови. Оваа најнова полициска акција доаѓа два дена по поставената заседа и полициската акција во Радуша.

„Постојат одредени индиции за вмешаност на овие членови на семејството Мифтари со некои на членовите на групата која беше елиминирана во Радуша“, изјави денеска потпаролот на МВР, Иво Котевски. За Демир Мифтари се посочува дека „имал директна поврзаност со убиениот кај Радуша Шабан Зенуни од тетовското село Мерово“ и оти „Мифтари бил негова логистика – заднина во извршувањето криминални дела.“

Во Ново село нема оружје, велат селаните

Дојче Веле денеска беше во Ново Село, кое се наоѓа на неколку километри над автопатот Тетово – Скопје и кое е одалечено петнаесетина километри од Тетово. Акцијата на полициските специјалци била изведена во моментите додека најголемиот број новоселци се наоѓале на погребот на убиениот Шабан Зенуни во соседното Мерово.

Дел од жителите на Ново Село ни изјавија:

„Специјалците ни го блокираа патот, не не пуштија да се вратиме во селото. Ние бевме на погребот во Мерово на поранешниот командант на ОНА. Вчера беше посебно изненадување. Мислевме дека пукна нешто, кога дојдовме во селото помисливме дека избувна војна.“;

„Тој човекот, што го зеде полицијата, тој е нормален човек и се мачи, работи во штала, дојдоа само да го малтретираат. Тие се навикнати така да прават со Албанците.“

Fatmir Izairi Bürgermeister von Zelino Mazedonien

Фатмир Изаири, градоначалник на општина Желино

Ги прашавме селаните: дали знаеле дека кај нивни соселани има оружје? Некои од нив ни одговорија:

„Војната заврши одамна. По војната го предадоа сето оружје.“;

„Беше еднаш војна, нема повеќе војна, но ако сакаат, ќе ја има пак, да знаеме. Ќе излеземе сите во војна, еднаш веќе да се оделиме, ако треба и на референдум ќе излеземе, вака не се живее.“;

„Во нашето село нема оружје, јас не знам за такво нешто.“

Изаири: Сите треба да придонесат за смирување на состојбите

Фатмир Изаири, градоначалникот на општина Желина во чиј состав се наоѓа Ново Село со своите 700 жители, денес изјави за Дојче Веле: „Јас не располагам со информации за постоење нелегално и скриено оружје на територијата на нашата општина.

На прес конференцијата со новинарите во просториите на општината во Желино тој денеска дополни: „Сите треба да бидеме загрижени и треба да придонесуваме за смирување на состојбите со тоа што треба да бидеме многу претпазливи во поглед и на времето и на начинот како се извршуваат овие дејства. Населението е заплашено и загрижено. По цела ноќ имам телефонски повици: ме прашуваат што ќе се случи, дали да ги напуштат нивните куќи.“

МВР денеска соопшти дека продолжува истрагата за евентуална вмешаност и на други лица во најновото откривање оружје во Ново село – Тетовско. Демир Мифтари е задржан и во текот на денов против него ќе биде поднесена кривична пријава поради недозволено поседување оружје и муниција. Тројцата негови синови беа пуштени денеска во раните утрински часови.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски