1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во некритичко општество и уметничката критика тешко вирее

Аналитички и критички објави за современите дела на македонската уметност во домашните медиуми - нема или, пак, има ретки примери на валоризација во книжевноста, филмот, театарот, ликовната уметност.

Македонското општество не се занимава со преиспитување на улогата и значењето на критиката во современата уметност и општеството воопшто, допирајќи ги на тој начин проблемите на демократијата. Нема уметничка критика во земјава, вели за ДВ Роберт Алаѓозовски, аналитичар во културата. Според него, нема простор за објавување, а и авторскиот труд не се цени доволно.

Пригодна наместо остра критика, а кулоарите креираат мислење...

„Проблемот е системски. Списанијата кои излегуваат на одреден период, и каде што би требало да има поголема уметничка критика, речиси згаснаа или не исплаќаат хонорари што е проблем на цената на авторскиот труд; излегуваат во многу мали тиражи и во еден период кој е нестабилен, така што професијата критичар не може да постои. Уметничка рецензија постои во некои од дневните весници, меѓутоа и тој простор сè повеќе се смалува. Не знам дали е поради односот кон читателите или евентуалните спонзори, но таа е пригодна, не е остра, не е критичка, не ги лоцира слабите како и добрите страни на едно уметничко дело“, нагласува Алаѓозовски.

Во недостиг на јавна дебата и став за многу општествени состојби - нема ни уметничка критика.

„За жал, стануваме општество на некритичко, озборувачко мислење. Јавните ставови треба да се изнесат во аргументирана дебата. Еве, неодамна имаше премиера на најновиот драмски текст на Горан Стефановски, во режија на Слободан Унковски, но јас сè уште не знам какво е тоа дело, како е оценето, прифатено, во кој контекст се јавува. Останува сè на толкувањето во кулоарите. На јавната сцена во еден демократски амбиент ретко се сретнуваме со издржан став“, вели Алаѓозовски.

Филмови има многу, но не и критика

Со идеја да ја поттикне младата публика на создавање филмска критика, фестивалот на европски филм „Синедејс“, што се одржува од 14 до 23 ноември, објави конкурс за најдобра филмска критика.

„Стивната е и филмската критика во последниот период, па кога проследувачите на филмот се решаваат да пишуваат за филм, избираат кратки аналитични форми - рецензија или осврт, а поретко се нафаќаат на продлабочени и поопфатни анализи и студии“, вели Петар Волнаровски, од редакцијата на „Кинопис“ и раководител на одделението за истражувачка, издавачка и јавна дејност во Кинотеката на Македонија.

„Тоа може да ѝ се припише на моменталната медиумска ситуација - имаме рецидив на континуирани специјализирани филмски списанија, па просторот за публикување на вакви трудови е многу мал. Претежно се работи за дневни и неделни изданија кои имаат дневно-актуелни интереси. И во електронските медиуми анализата на филмската уметност е сведена на кратки, актуелни, тековни рецензии и осврти и нема доволно простор за подлабоки анализи на суштината, естетиката и поетиката на филмот како уметност“, вели Волнаровски. Кинотеката на Македонија повеќе од две децении го издава списанието за историјата, теоријата и културата на филмот „Кинопис“ (на насловната фотографија), чии читатели најчесто се филмските автори и љубители на филмот, а поретко обичната филмска публика.

Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje

„Скопје 2014“ е резултат на отсуство на критика, сметаат дел од уметниците

Кујунџиски: Пред секоја критичност - самокритичност

За критичноста, Жарко Кујунџиски, писател и уредник на електронскиот културен неделник reper.net.mk, вели дека е „важен сегмент каде што мора да се постави објективна и селективна хиерархија на естетските вредности“.

„Ако критиката е отсутна или тенденциозна, ќе ни се врати со лоша, т.е. неавтентична уметност. На секоја критичност треба да ѝ претходи самокритичност, бидејќи ако во секој човек одделно е всаден кодот на сопствено превреднување, тогаш критиката ќе биде само уште еден, а не единствен генератор на критериуми. Сепак, критиката е само алатка во функција на уметноста - таа е вечна, а критиката е краткотрајна. Мислам дека креативноста, трудот да се генерираат сопствени и нови вредности, е многу поважно и посуштинско од чисто теоретскиот и понекогаш сувопарен ’поглед отстрана'“, вели Кујунџиски за ДВ.

За критика треба храброст

„Критиката им е неопходна на уметниците. Правењето култура е храброст пред сè, а тоа важи и за критиката“, вели младиот ликовен уметник Филип Јовановски.

„Критиката и правењето култура треба да бидат во некаква спрега или конфликт. Можеби поради политиките на медиумите, повеќе ги интересираат спектакуларни теми, отколку некоја сериозна критика. Или веќе не им е важно, па сè станува афирмативно. Од друга страна, луѓето како да се самоцензурираат и се плашат да покажат сериозен критички став кон некои работи, па полесно им е да пишуваат за некои поопшти теми, отколку да влегуваат во конфликт со поединци или групи. Она што ни се случува на ниво на доминантна продукција во културата, на пример, „Скопје 2014“ и други скапи продуцирани изложби се резултат на недостиг од критика. Критиката создава некаква релевантност, но кога ја нема, во таа дупка може да се појави кој било и тоа да биде штетно. Летаргијата се рефлектира и во уметноста. Мислам дека е загубена вербата во силата на културата и уметноста. Луѓето стануваат апатични, па и не им е важно да формираат свое мислење или да критикуваат“, оценува Јовановски.

Спонзорирана уметност од државата - (не)спонзорирана критика?

„Овој систем - секому по малку, а никому доволно, не е добар за државата. Ако субвенционирањето е нормална категорија тоа значи дека треба, во секоја од гранките на уметноста да се најде по едно силно критичко списание каде што ќе можат да се објавуваат тие текстови. Она што делува лошо врз целиот уметнички амбиент е немањето автономија. Фактот што државата спонзорира, односно помага одредени типови уметност, воопшто не смее да се одрази на автономијата на уметничкото создавање или критичкото пишување“, вели Алаѓозовски.

Поврзана содржина