Во Могадишу треба да се врати редот | Свет | DW | 29.12.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Могадишу треба да се врати редот

Војниците на сомалиската преодна влада повторно ја имаат контролата врз главниот град Могадишу. По повлекувањето на исламските милиции од градот, ОН повторно почнаа со доставување на хуманитарната помош за бегалците од граѓанската војна.

Војници на преодната влада

Војници на преодната влада

Главниот град на Сомалија, Могадишу, во рацете на исламистичките милиции беше од јуни. Милициите на Унијата на исламски судови се повлекоа од градот, за како што соопштија, да спречат непотребно пролевање крв. Водачот на исламистите, шеикот Шариф Ахмед изјави дека повлекувањето од градот во никој случај не значи пораз. Членовите на Унијата на исламските судови нема да се предадат, рече тој. Шефот на преодната сомалиска влада, Али Мохамед Геди, вчера, веднаш по влегувањето на владините сили, дојде од неговото досегашно провизорно седиште во Баидоа и најави дека во Могадишу ќе воведе вонредна состојба се додека во градот не се вратат редот и поредокот.

“Сега владата ја има контролата врз цела Сомалија и владата треба да создаде регионална администрација, да создаде механизми за враќање на бегалците и за разоружување, како и за поправка на инфраструктурата“, соопшти во Најроби сомалискиот министер за информации.

Меѓу првите мерки што ги донесе преодната влада е укинување на некои забрани воведени од страна на исламистите. Така сега повторно можат да почнат со работа кината и киосците, а повторно може да се слуша и забавна музика.

ОН од вчера повторно почнаа да доставуваат помош за бегалците од граѓанската војна во Сомалија.