1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Во Минхен спречена нова бламажа

Баерн во реванш четврт-финалниот натпревар на Лигата на шампионите во Минхен играше нерешено со Барселона 1:1 и испадна од натамошните натпреварувања. Во полуфиналето покрај шпанската екипа ќе игра и лондонски Челзи.

default

Реванш натпреварот меѓу Баерн и Барселона во Минхен

Баерн и оваа година го пропушта полуфиналето на Лигата на шампионите. Тоа и се очекуваше, но барем беше спречена нова бламажа против Барселона. Шест дена по поразот од 0:4 на Камп Ноу, Баварците на домашен терен во Минхен одиграа рамноправен натпревар против ѕвездите од Барселона, кој заврши нерешено 1:1. Баерн дојде во водство со голот на Франк Рибери во 47 минута. Резултатска точка на возбудливиот и забавен меч во Алијанц арената исполнета до последно место стави играчот на Барселона Сејду Кејта во 73 минута.

Баерн се збогуваше од Лигата на шампионите, пристојно и достоинствено, смета менаџерот на тимот Ули Хенес.„Сметам дека по голот за 1:1 ни снема сили но дотогаш игравме многу добро и донекаде успеавме да го избришеме лошиот впечаток од првиот натпревар“, рече Хенес.

Навивачите незадоволни од работата на Клинсман

Klinsmann während Champions League München Barcelona

Тренерот на Баерн Јирген Клинсман

И покрај тоа, откако Барселона го постигна изедначувачкиот гол, но и по последниот свиреж на судијата на стадионот можеа да се чујат повици од навивачите до тренерот Јирген Клинсман, тој да поднесе оставка. „Се разбира тоа не е пријатно. Меѓутоа сосема е нормално да има негативни коментари и јас имам разбирање за тоа дека некои навивачи се лути по тешките порази од Волфсбург и Барселона. Важно е дека видовме оти екипата има потенцијал. Сега мораме да се концентрираме само на Бундеслигата за да ја освоиме титулата и повторно да се квалификуваме во Лигата на шампионите“, изјави тренерот Клинсман по мечот.

Баерн покрај од Лигата на Шампионите испадна и од натпреварувањето за Купот на Германија, а заостанува и три бода на табелата во Бундесигата зад Волфсбург. Ако Јирген Клинсман на крајот од сезоната не освои никаква титула веројатно ќе мора да бара нова работа.

Преостанатите полуфиналисти ќе бидат познати по натпреварите Порто-Манчестер Јунајтед и Арсенал-Виљареал

Инаку покрај Барселона пласман во полуфиналето по шести пат во клубската историја обезбеди и лондонски Челзи. По победата на гости во првиот натпревар, тимот на Гус Хидинк во фантастичен реванш меч на домашниот стадион Стенфорд Бриџ, играше нерешено 4:4 против големиот ривал Ливерпул.

Денеска ќе бидат познати и другите два тима кои ќе играат во полуфиналето на Лигата на шампионите. Арсенал на домашен терен го дочекува Виљареал со добар резултат од првиот натпревар кој заврши 1:1. Актуелниот европски шампион Манчестер Јунајтед ќе има тешка задача против тимот на Порто, кој на Олд трафорд минатата недела успеа да извлече нерешен резултат од 2:2.


Автор: Сара Фаупел / Александра Трајковска

Редактор: Александра Трајковска