1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Во Минхен пронајдено непознато дело од Шагал

Спектакуларно е премалку да се каже. Пронаоѓањето на уметничките дела во стан во Минхен опфаќаше речиси 1.500 слики, меѓу нив и непознати уметнички дела. Тие не се само дела кои биле конфискувани во нацистичкиот период.

Пронаоѓањето на уметничките дела во Минхен опфаќа не само дела од класичната модерна, како што се сметаше досега, туку и значително постари слики. Најстарото уметничко дело потекнува од 16. век, објави историчарот на уметност Мајке Хофман од Берлин на прес-конференција во Аугсбург. Биле пронајдени и дела од 19. век. Притоа не станува збор за уметнички дела кои биле конфискувани во времето на национал-социјализмот.

Меѓу уметничките дела се наоѓале и досега непознати дела. Пронајден бил автопортрет на Ото Дикс, кој досега бил целосно непознат, рече Хофман. Исто така било пронајдено досега непознато дело од Марк Шагал.

Хофман рече дека делото на Шагал било од „особено голема уметничко-историска вредност“. Сликата датирала од средината на 1920-те години.

Уметничките дела се во добра состојба

Во станот на 79-годишниот Корнелиус Гурлит бил извршен претрес мината година, а не во 2011 година, соопшти раководителот на царинската служба од Минхен, Зигфрид Клебле.

Според податоци на државниот обвинител од Аугсбург Рајнхард Немец властите конфискувале 1.406 слики, од нив 1.285 неврамени и 121 врамени уметнички дела. Делата биле во добра состојба и биле стручно складирани, рече Клебле. Хофман дополни дека уметничките дела биле делумно извалкани, но не и оштетени.

Меѓу конфискуваните уметнички дела се наоѓаат дела од Пикасо, Шагал, Марк, Нолде, Шпитцвег, Реноар, Маке, Кубер, Бекман, Матис, Либерман и Дикс.