1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Во Минхен почна конференцијата за безбедност

Германскиот министер за надворешни работи, Јошка Фишер, вели дека треба да се внимава кога станува збор за ангажман на НАТО во Ирак. Германија, сепак, не би блокирала ваков еден чекор, изјави Фишер на почетокот на конференцијата посветена на безбедносни прашања, што денеска и утре се одржува во Минхен.

Германскиот министер рече дека искреноста не му дозволува да ја премолчи сопствената скепса околу ангажманот на алијансата во Ирак. Говорејќи пред учесниците на конференцијата, Фишер побара и широк ангажман во борбата против т.н. "џихад тероризам". Не станува збор само за безбедносната политика, туку и за модернизација на арапскиот свет.

Прашањето, каква улога треба да има НАТО во Ирак, беше третирано и на вчерашната неформална средба на министрите за одбрана на трансатлантскиот сојуз, што се одржа исто така во Минхен. Според мислењето на генералниот секретар на НАТО, Јап Де Хоп Шефер, сеуште е рано за да се донесе решение по ова прашање. Трансферот на власта во рацете на ирачка влада е важен предуслов за поголем ангажман на алијансата.

Тоа, што според Де Хоп Шефер, сега е примарна цел е што е можно поопширен ангажман на меѓународните сили во Авганистан. За оваа цел - треба да биде зголемен бројот на тимови за обнова, односно мали единици од војници кои се ангажирани во авганистанските провинции заедно со помагачите за развој. Досега има пет вакви тимови, меѓу нив и еден на Бундесверот. Шефер е оптимист дека бројот на тимови наскоро ќе се зголеми:

"По средбата , поголем број земји се подготвени да учествуваат во тимовите за обнова на ИСАФ."

Се' поостварлив е и планот - раководењето со силите ИСАФ да биде преземено од страна на Еврокорпусот, но се' под генерална заедничка команда на НАТО. Во Еврокорпусот, Германија и Франција се значително застапени. Германскиот министер за одбрана, Петер Штрук, со изјава:

"Сигурен сум дека ќе донесеме позитивно решение. Тоа значи дека прво штаб на Еврокорпусот треба да го замени канадскиот штаб. Го преиспитуваме прашањето дали еден дел или дури и целата германско-француска бригада би била ангажирана во Кабул".

Поврзана содржина