1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Мексико се шири колера

Инфекциите во Мексико, по големите поплави, се во постојан пораст. Сега мексиканското Министерство за здравство потврди дека има заболени од колера. Погодени се пред се‘ граѓаните во централниот дел на земјата.

Мексиканската министерка за здравство Мерцедес Хуан, по посетата на една болница во градот Уехутла, потврди дека избила колера. Досега има 79 инфицирани луѓе, а во 78 случаи се‘ уште се прават тестови за да се утврди дали станува збор за колера. Досега од болеста починало едно лице. Властите не сакаат да зборуваат за епидемија.

Се претпоставува дека колерата можеби во земјата е пренесена од Куба, Хаити или Доминиканската Република. Се наведува и дека првиот случај се појавил уште пред ураганите „Мануел“ и „Ингрид“ да минат низ Мексико пред три недели.

Ураганите зад себе оставија 26.000 оштетени куќи и 3.500 оштетени училишта. Во поплавите и лизгањето на земјиштето, предизвикано од невремето, загинаа 157 лица, а околу 1,6 милиони луѓе страдаат од последиците од ураганите. Тука се вбројува пред се‘ недостигот на чиста вода за пиење во поплавените подрачја, што најверојатно доведе до појава на колера.