1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Мека со заштитна маска на лице

За над 1,5 милиони луѓе во Саудиска Арабија почнува најважниот аџилак за верниците-муислимани. Но, годинава аџилакот во Мека е засенет со стравот од опасниот коронавирус.

Досега меѓу аџиите не е забележан случај на болест. Но, саудискиот министер за здравство Абдула Ал-Рабиах преку весникот „Араб њус“ ги советува верниците од здравствени безбедносни причини да носат заштитна маска на лицето. Богатото кралство мобилизираше големи медицински ресурси, како и цивилна заштита за да обезбеди непречено движење на аџиите, од кои 1,5 милиони се од странство, што е значително помалку од лани, кога на аџилак дојдоа 1,75 милиони аџии од други земји.

Владата во Риад воведе 20-отстотно ограничување годинава на квотата аџии кои доаѓаат од странство и го намали и бројот на домашни аџии за половина поради страв од вирусот МЕРС. Фактот дека од Саудиска Арабија се најголемиот дел на случаи заразени со МЕРС ги зголеми грижите дека аџиите би можеле да се заразат и во своите држави да го пренесат вирусот, од кој во светот починаа досега 60 луѓе, од кои 51 во Саудиска Арабија. Експертите се обидуваат да го разјаснат МЕРС коронавирусот, за кој сѐ уште не постои вакцина. Вирусот се смета за смртоносен, но помамалку пренослив од вирусот САРС, кој се појави во Азија во 2003. и од него беа заразени 8.273 луѓе, од кои деветмина починаа и предизвика економски хаос.

Столбови на исламот

Според Коранот, секој муслиман, кој е здрав и може тоа да си го дозволи, барем еднаш во животот треба да отиде на аџилак во Мека, родниот град на пророкот Мохамед. Аџилакот, „Хаџ“, е еден од петте столба на исламот.

Муслиманите пристигнаа денеска во светиот муслимански град Мека, за да го започнат својот редовен годишен аџилак. Аџиите појдоа од Мека кон блиската Мина со воз или пешки, носејќи дводелна бела облека, како што налага традицијата, додека жените се целосно покриени со исклучок на лицето и рацете. Во Мина тие ќе се молат и одмораат пред да појдат на планината Арафат, врвот на ритуалниот аџилак. Планирано е по неодамна изградената железничка пруга да се превезат 400.000 аџии, кои учествуваат на најголемиот светски годишен аџилак. Саудиска Арабија распореди повеќе од 100 илјади војници кои се грижат за безбедноста на аџиите и предупреди дека нема да толерира демонстрации или немири.