1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Мали се избира нов парламент

Дваесет месеци по воениот пуч во Мали, во оваа земја денеска (24.11.2013) се одржуваат парламентарни избори. Тие се сметаат за натамошен важен чекор на патот кон излез од политичката криза.

Во Мали денеска се одржуваат првите парламентарни избори по француската интервенција против исламистите, кои ги контролираа северните региони на оваа западноафриканска држава. Околу 1.080 кандидати, вклучувајќи и 135 жени, ќе се борат за 147 места во парламентот. Вториот круг од гласањето ќе се одржи на 15 декември.

Изборите се одржуваат во момент во кој земјата се‘ уште е нестабилна, а неодамна двајца француски новинари беа киднапирани и егзекутирани во северно Мали од страна на бунтовниците поврзани со Ал Каеда.

Северниот град Кидал останува под контрола на Туарезите, кои инсистираат на отцепување на оваа територија. Во овој регион предизборната кампања мина во забележителен страв и кандидатите ретко се појавуваа на улиците, туку претпочитаа да ги посетуваат куќите на избирачите или со нив да се сретнат во џамиите.

Пред три месеци во Мали имаше претседателски избори, на кои гласаа 6,5 милиони избирачи. За претседател беше избран Ибрахим Бубакар Кејта. Сега, меѓутоа, се очекува помала излезност, затоа што народот почнува да ја губи вербата во новиот политички почеток за Мали заради непрекинатите атентати и насилство.