1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Македонија се децентрализира корупцијата

Кои се слабостите по четири години од воведувањето на децентрализацијата во Македонија и зошто е потребно Скопје да се подели на урбан и приградски дел? Интервју со професорката Гордана Силјановска.

default

Гордана Силјановска

Дали децентрализацијата, по четири години откако е воведена, има некакви ефекти и каде ги гледате слабостите?

Силјановска: Досега над две третини од општините преминале во втората фаза, а тоа е фискалната децентрализација. Тоа е првата констатација. Но, втората е дека 3% од ДДВ, персоналниот данок, данокот на наследство и на имот кои им припаѓаат на општините се покажаа како недоволни. И да сте волшебник како градоначалник или како советник не можете да сторите ништо со толку низок буџет. Од друга страна, покрај изворите на финасирање, важно за развивање на менталитетот на добар домаќин, е да имаат општинската сопственост. Но, во делбениот биланс, дури и институции кои носеа назив „градски“ или „општински“, како градски трговски центар, градски плоштад, градски стадион, станаа државни. Мора да постои и општински имот. Кога велам општински имот, не мислам само објекти, туку пред се`, мислам на градежно земјиште.

Во Македонија се случува една апсурдна практика. Државата располага со градежниот имот и парцелите во Скопје и на општините им ги дава на лицитација. Наспроти тоа, тие треба да бидат извори на финансирање на локалната самоуправа.

Силјановска: Парадокс. Тоа е непознато решение кое го нема ниту кај земјите членки на Советот на Европа, а го нема ниту во европската практика. Мислам дека сегашната пракса, земјиштето да се дава на долг рок на користење, е преодно решение кон доверување на градежното земјиште во сопственост на општините. Тогаш тие ќе може да располагаат со него. Таков проблем има и околу заемите. На пример, големите инфраструктурни проекти на Скопје, врзани за изградба на трамвајска линија или метро, секогаш значат и можност да земете заем. Честопати, ако се работи за политичари од различни партии, се оневозможува давањето на заем.

Метрополата е практично во клинч меѓу централната и локалната власт, односно меѓу судирот на премиерот Никола Груевски и градоначалникот Трифун Костовски. Од друга страна, и општините како да не ја сакаат градската управа, поради што се има впечаток дека никој не води сметка за развојот на Скопје како целина?

Силјановска: Во Македонија е заборавено да се материјализира посебноста, дури и во Законот за градот Скопје и Уставот. Таа е само уставен декор. Скопје на некој начин е виртуелен град, бидејќи ги има истите надлежности како и општините на неговата територија. Мислам дека тоа мора да се смени. Не знаеме кој за што е одговорен. Скопје мора да има посебен статус. Но, во таков случај тогаш скопските општини не можат да имаат ист статус како другите општини на територијата на Република Македонија. Бидејќи во таков случај би се нарушил живиот организам.

Скопскиот градоначалник Трифун Костовски излезе со анкета во која бара градската средина да се рационализира на урбани и приградски, односно таканаречени рурални општини. Како вие го толкувате ова?

Силјановска: Јас мислам дека има многу логика во тоа. Особено кога ќе направите рурално-урбан конгломерат, како што е Скопје, во земја во која разликите меѓу урбаните и руралните оппштини се огромни. Прво треба со посебни градоначалници и совети да ги развиеме руралните општини за да може потоа да правиме спојувања. Во сегашниот случај, тие се на маргините. Всушност имаме граѓани од прв и од втор ред кои плаќаат исти давачки. Но, ако живеете во центарот може да уживате во убавините на урбаниот живот, а ако сте на периферијата вие сте само општина што влегла во рамките на градот Скопје. Но, во суштина вие сте на маргините.

Според критичарите, во идејата Скопје евентуално да се подели на урбани и рурални општини, се крие опасноста градот да се етнизира, односно да се одделат општините во кои доминира албанската етничка заедница.

Силјановска: Не се согласувам со тоа. Сетете се дека всушност сегашната просторна и урбана слика на Скопје беше резултат на трката да се достигне магичната бројка од 20% потребна за воведување на двојазичноста. Од друга страна, во Уставот и во Законот за локална самоуправа постојат одредби според кои и кога во една општина нема 20% од некоја етничка група, советот на општината може да донесе одлука во неа да се зборува двојазично. Не можеме да го жртвуваме вистинскиот урбан амбиент за таква цел. Исто така, во околината на Скопје не влегуваат само општини, кои во поголемиот дел се населени со припадници на албанската етничка заедница. Но, да се разбереме, тоа не значи и дека делови околу Скопје во кои живее мнозинско албанско население не станале природно дел од градот. Значи не станува збор да се одвојат сите општини од околината на Скопје, туку само делови од нив кои навистина имаат специфични потреби и интереси кои не се компатибилни со интересите на еден урбан простор.

Меѓутоа, еден значаен проект од Законот за децентрализација се` уште не е реализиран - а тоа е регионалната соработка. Се` уште има еден синдром на политичка етнизација, односно дека тоа значи федерализација или кантонизација на Македонија.

Силјановска: И на ова поле се направени неколку извонредни чекори. Мислам дека основната причина за неформирањето на заедничка администрација не е етничкиот елемент, како феномен што е познат во Законот за локална самоуправа и различни облици на меѓуопштинска соработка, туку системот на партикуларизам и локализам, што ни е вграден во развојниот кодекс. Се` уште нема општини кои имаат заеднички образовен или социјален центар, заеднички фирми, заеднички јавни претпријатија, бидејќи тоа се скапи проекти за една општина да ги спроведе самостојно. Особено проекти од областа на екологијата. Треба да се пронајдат облици на меѓуопштинска соработка. Понекогаш градоначалниците не сфаќаат дека, точно, во светот се доминантни факултативните облици на здружување, меѓутоа најголемиот број европски земји имаат мали општини, за разлика од Македонија, каде општините се големи. Да ја земеме за пример Словенија - на приближно иста територија и ист број население има повеќе од двесте општини. Колку е просторот поголем, толку ресурсите и трошењето на парите е поекономично - токму преку овие облици на меѓуопштинска соработка.

Дали сметате дека системот на децентрализација се вулгаризира во практиката? Особено пред и по изборите честопати сме сведоци на полнење на јавната администрација со партиски луѓе, со што се губи квалитетот на услугите, наменети за граѓаните.

Силјановска: Тоа го велат сите досегашни извештаи на Европската комисија, каде се посочува дека за администрацијата добиваме единица, и на локално и на централно ниво. Мислам дека првичната идеја за соодветна застапеност на малцинствата, во реалноста се претвора во нешто сосема спротивно. Костурот на државата го сочинува администрацијата и не можеме да зборуваме за реформи, без да ја реформираме администрација. Кај нас се` уште постои систем на регрутирање администрација. А кога имате таква администрација, таа не може да се тренира, не може да се кваликифува. Мораме да ставиме крај на оваа приказна, бидејќи ниту една реформа не е можна без квалификувана администрација. Но, што се децентрализира во Македонија? За жал, во овој период, се децентрализираат корупцијата и криминалот, особено кога е урбанистичкото планирање во прашање. Корупцијата сега може да се види на секој чекор, посебно откако надлежноста за просторно и урбанистичко уредување ја имаат општините. Скопје почнува да наликува на касаба, а исто така и другите урбани средини во Македонија.

Зошто мислите дека претседателските избори ги фрлија во сенка локалните избори?

Силјановска: Претседателските и локалните избори, за несреќа, се совпаднаа. Како прво, тоа тотално ги покри локалните теми. Не треба да заборавиме дека животот е на локално ниво. А како второ, во Македонија на сите избори се дискутира иста тематика, па често човек не знае за какви избори се работи. На парламентарните избори се зборува за надлежностите на претседателот, на претседателски избори се зборува за локални проблеми, на локалните избори се зборува за проблеми на државата. Ние не можеме да препознаеме програми, не можеме да препознаеме стратегии за решавање на проблемите. Во иднина не би сакала овие избори да се поклопуваат. Локалните теми во моментов се едни од клучните прашања за Македонија, зашто децентрализацијата е еден од основните критериуми за влез во ЕУ. Тоа го пишува во сите извештаи.