1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Македонија расте говорот на омраза

Во Македонија расте говорот на омраза, а наместо истражувачко и цивилно новинарство во земјата се’ повеќе се забележува т.н. патриотско новинарство, вели во разговор за ДВ, новинарот на „Дневник“ Христо Ивановски.

default

Ивановски на конференцијата во Бон

Медиумската сфера во регионот на Југоисточна Европа се соочува со слични проблеми, чиј заеднички именител се корупцијата, политичкото и бизнис влијание и говорот на омраза, вели новинарот Христо Ивановски. Ивановски деновиве учествуваше во дебатата која ја организираше Дојче веле за состојбата на медиумите во регионот на ЈИЕ. На конференцијата во Бон генерален заклучок беше дека квалитетот на медиумите на Балканот е во најмала рака во стагнација, а причините за тоа се во потрагата по тиражи, наместо по квалитет и неостварените ветувања на странските компании кои влегоа во регионот со најави за демократизација и подобрување на квалитетот на медиумите.

„Повторно се во прашање, на некој начин земјите-пациенти кои никако да застанат на свои нозе, односно да пораснат. Различни проблеми се јавуваат, влијание на политиката, ниски тиражи, говор на омраза, итн. значи се’ она што може да ја инфицира медиумската сфера“.

Медиумска војна

Во македонските медиуми е забележителен порастот на говорот на омраза, што според Ивановски е ретроградно движење што поттикнува различни негативни реакции. Причините за тоа, тој ги смета за рефлексија на политичката некултура и на политичката борба во двата политички кампуси на Македонците и на Албанците.

„Имаме една отворена медиумска војна, во име и за цел на некакви партиски интереси. Тоа нема никаква врска со новинарството. Од етничка поделеност на медиумите, што беше факт и се’ уште е, сега отидовме чекор понатаму во поделбите на партиски медиуми, и тоа сериозно се одразува на квалитетот на новинарството“.

Konferenz Medien in Südosteuropa

Македонското новинарство го допре дното

Ивановски не е оптимист дека состојбите во земјата набрзо ќе се подобрат, но гледа светло на крајот на тунелот, пред се’ во иницијативата на новинарите за реформи во еснафското здружение. „Мислам дека ќе треба време за да се надмине оваа ситуација затоа што партиските моќници нема да ги пуштат медиумите. Капиталот ќе го држат, но самите новинари мора да се спротивстават. Мора оваа борба да се продолжи. Она што се прави сега во ЗНМ е почеток или дел од таа нова концепција на македонските новинари. Мислам дека ние сфативме дека дојдовме до дното и сега полека мора да излегуваме“.

Последните извештаи на меѓународните организации „Репортери без граници“ и „Фридом Хаус“, на најголемиот дел од земјите од Југоисточна Европа им дадоа многу слаби оценки што се однесува до слободата на медиумите. Најголем пад на табелите на овие организации забележа токму Македонија, а ништо подобри не беа ниту останатите земји од регионот.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM