1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Македонија нема евроскептицизам

Колкава цена може да плати Македонија за да влезе во ЕУ? Синдикалецот Дојчин Цветановски вели дека одредени нешта немаат цена. Какви се ставовите на учесниците на состанокот на Националниот совет за евроинтеграции.

default

Дали македонските граѓани треба да се разочарани од одлуката на Европската унија да не определи датум за старт на преговорите со Македонија, или пак имаат право да бараат од Владата поголема умешност и флексибилност за решавање на проблемот со името? Овие две прашања како дилема Дојче веле им ги постави на членовите на Националниот совет за евроинтеграции од невладиниот сектор.

Синдикалецот Дојчин Цветановски вели дека одредени нешта немаат цена. „Не е во прашање целата ЕУ, туку само начинот на кој се донесуваат одлуките. Само Грција да е таа што прави проблеми е доволно да не можеме да го пречекориме тој праг. Во животот има некои работи кои имаат цена и за кои може да се разговора. Но, некои работи се свети, меѓу кои дефинитивно спаѓа идентитетот.“

Слично размислува и градоначалникот на Штип, Зоран Алексов, претставник на ЗЕЛС во Националниот совет за евроинтеграции. „Македонскиот народ не треба никому да се лути. Имаме реална ситуација. Најмалку треба да се лути на Владата и секој од нас да размисли што би направил, кога би бил доведен пред една ваква уцена.“

Евроамбасадорот Фуере апелира

Ervan Fuere

Ерван Фуере

Евроамбасадорот Евран Фуере упатува апел до македонското општество да изгради консензус по прашањето за името и до двете страни во наредните шест месеци да дојдат до решение на спорот. „Оваа временска рамка е притисок за двете страни да најдат заедничко прифатливо решение на прашањето за името. Нагласувам двете страни, бидејќи понекогаш се добива впечаток дека притисокот е насочен кон една страна. Но, пораката од заклучоците на Советот е јасна. Двете страни да направат се’ што е во нивна моќ за надминување на проблемот,“ вели Фуере.

Опозицијата бара национална стратегија

Tito Petkovski Mazedonien

Тито Петковски

Македонските политичари од опозицијата бараат од колегите од власта како најодговорни за ова чувствително прашање да овозможат создавање на национална стратегија по прашањето за името. Тито Петковски од НСДП вели. „Овде во Националниот совет за евроинтеграции сме претставени сите и невладин сектор, синдикат, политички партии, верски заедници, комора. Има ли подобро тело од ова кое ќе продложи стратегија зад која ќе застанеме сите граѓани на Република Македонија.“

Вицепремиерот Васко Наумовски се заблагодарува за залагањето на Европската комисија напредокот на Македонија да биде вреднуван со датум за преговори и испраќа остра порака до Грција. „Македонците ќе влезат во ЕУ само како Македонци, исто како што Унгарците влегоа како Унгарци, Португалците како Португалци, Германците како Германци, Французите како Французи. Како народ сме биле изложени под многу поголеми предизвици и закани. Не постои притисок што ќе не натера да се одречеме од самите себеси.“

Политичките партии во Македонија се едногласни дека во земјата нема, и нема потреба од појава на евроскпетицизам. Големо мнозинство од граѓаните се уверени дека идентитетот мора да се сочува по секоја цена, но, според последните анкети во пораст е бројот на оние кои се подготвени за промена на името на државата како услов за влез на земјата во НАТО и ЕУ.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска