1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Македонија нема да се повтори 2001-та

НАТО нема да дозволи нарушување на стабилноста и безбедноста на Македонија по неуспехот на самитот во Чикаго, тврдат аналитичари во земјата

„Невлегувањето на Македонија во НАТО-алијансата и на овој самит во Чикаго можеби ќе предизвика нови тензии во меѓуетничките односи, но, сепак, не треба да се очекуваат некакви подраматични ризици и закани кон безбедноста, мирот и стабилноста во земјата,“ – коментираат за ДВ реномирани експерти и аналитичари околу тоа каков може да биде развојот на ситуацијата во земјата, откако ни овојпат таа не доби покана за интегрирање во НАТО.
„НАТО по секоја цена ќе го обезбеди мирот во РМ“
Пензионираниот генерал и воено-политички аналитичар Тодор Атанасовски од Скопје смета дека Македонија е веќе опфатена со „безбедносниот чадор“ на НАТО, иако се‘ уште не е негова членка:
„Сигурно е дека е така. Македонија се наоѓа во сферата на интереси на НАТО. Имаме извонредно стратегиско совпаѓање на интересите со оваа алијанса. Таа сака Македонија да биде стабилна. Во Македонија нема да се повтори 2001-та година. Не заради Албанците и не заради нас, туку заради стратегиските околности. Штом НАТО е излезен на Црното Море со бази во Романија, Бугарија, не повеќе во Лариса, тогаш Македонија е директната заднина на НАТО, ние сме ’нивниот простор’. Во глобалните стратегиски рамки и смисла, НАТО е заинтересиран тука да има мир и ќе стори се, по секоја цена, да го обезбеди.“
Азис Положани, универзитетски професор и донеодамнешен амбасадор на РМ во ЕУ, нагласува:
„Не може да се очекува некоја голема промена на реалните состојби, ниту некое брзо влошување на ситуацијата, проблематизирање на безбедносната состојба, имајќи предвид дека регионот е секогаш е во партнерство, или под набљудување на меѓународните сили. Така ќе остане и натаму.
Мирјана Малеска, експерт за меѓуетнички односи, смета:
„Ако се за нешто поделени македонските граѓани, тоа е секако влегувањето во НАТО и почетокот на преговорите со Европската унија. Најголемиот дел од Македонците се согласни за тоа, но, под услов да не мора да се отстапи од уставното име на земјата.

Mazedonien Tetovo Multiethnische Gemeinschaft

Мирјана Малеска

Најголемиот број на Албанците се за тоа по секоја цена да се направи ова придвижување. Тука постои многу длабока поделба меѓу граѓаните-Македонци и граѓаните-Албанци. Тоа не е добро за една држава, бидејќи малку е потребно да дојде до некој конфликт. Ситуацијата е многу, многу тешка и неизвесна и таа секако дека ќе се одрази врз меѓуетничките односи. Меѓутоа, не гледам некои посериозни знаци на некоја криза, која би требало да не загрижи во смисла на меѓуетнички конфликт.“
Дали се можни и одредени манифестирања на „колективни незадоволства“ од страна на припадниците на албанскиот етникум во Македонија?
Атанасовски одговара:
„Тоа не го исклучувам, нив ги има и сега, а и ќе продолжат. Албанскиот политички фактор и припадниците на албанскиот етникум како и досега ќе ја критикуваат Македонија, некој ќе влегува, а некој ќе излегува од власта, дали со помош на изборите. Сега по овој исход во Чикаго ќе се антагонизираат меѓунационалните односи во земјата, но, ниту Америка, ниту НАТО ќе дозволат таа да се дестабилизира. Па тие ниту во 2001-та година не дозволија тоа да се случи! Тогаш тие судирот го спуштија на ниво на внатрешен конфликт.“
„Сите процеси треба да се канализираат во институциите на системот“
Положани се надоврзува:
„Со оглед дека за евроатлантските интеграции нема алтернатива за Македонија, а тоа за албанскиот етникум е повеќе од важно, сигурно е дека албанските субјекти секој со свој придонес – и оној што е во опозиција и оној што е во позиција – ќе останат во функција на забрзување на евроатлантскиот интегративен процес. Веројатно, сета дебата меѓу опозицијата и позицијата сега ќе се канализира во институциите на системот со пожестоки расправи во контекст на сегашната состојба. Не очекувам да дојде до изразена политичка криза, бидејќи секој е свесен дека сите процеси во Македонија мора да бидат канализирани во институциите.“

Nazmi Maliki Politikwissenschaftler aus Mazedonien

Назми Малиќи


Назми Малиќи, експерт за НАТО-интеграцијата, не верува дека ќе има пројави на колективни незадоволства или фрустрации кај Албанците во РМ:
„Цената на неуспешните политики треба да ја плаќаат граѓаните, при што се можни и сценарија на нестабилност во земјата кај оние што го посакуваат тоа. Затоа интелектуалните кругови и граѓаните треба да се организираат и да не бидат во игрите на луѓето што ги насочуваат погрешно политичките процеси. Не верувам дека некој ќе се осмели да се поигра со безбедносните прилики во земјата, сметајќи дека, наводно, преку конфликтните состојби се владее подобро. Политичките партии и интелектуалните кругови треба да испраќаат пораки на стабилност во оваа земја. Имам целосна и јасна проценка дека македонскиот и албанскиот народ имаат нивна визија како да живеат во оваа држава. Сите ги посакуваат НАТО и Европската унија, но, тоа ако не се случи сега, не значи дека треба да загубиме се‘. Процесите продолжуваат и можеби на следниот самит РМ ќе стане членка на НАТО“.