1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Македонија некогаш се летуваше...

Детските и работничките одмаралишта во Македонија се уште една жртва од дводецениската транзиција во погрешна насока. Најголем дел од 27 детски одмаралишта во Македонија денес се затрупани, руинирани и заборавени.

default

Голем дел од објектите на детските одмаралишта во Македонија градени со државни пари, а во кои се создава спомените на многу генерации денес не работат. Никој од надлежните власти во Македонија во изминатите 20 години не направи вистинска стратегија да ги сочува овие објекти за новите генерации деца. Како последица, македонските деца последниве десетина години се` помалку имаат можност да осознаат што е тоа организиран летен одмор и да другаруваат на езеро или планина. Тоа засега го имаат само во четири одмаралишта каде поради малиот или намалениот капацитет е се` потешко да се летува. Пелистер кај Битола; „Шула Мина‘‘ во Крушево; „Мите Богоевски“ во Претор и „Мајски цвет“ во Охрид се единствените кои се` уште функционираат.

Опстанок благодарние на личниот ангажман

Во одмаралиштето „Мајски цвет‘‘ на самиот брег на Охридското Езеро досега претстојувале деца од многу европски земји. Но, поради преполовување на капацитетот, тие ова лето мака мачат да ги примат сите заинтерсирани деца за летување, а и да оствари профит затоа што работат на принципот на самофинансирање, со земена концесија на 20 години, потенцира директорот на одмаралиштето, Јован Паскоски.

Panoramabild von Ohrid

„Ова одмаралиште е со капацитет од 400 легла. За жал моментално половина од капацитетот го има преземено Министерството за образование, заради изведување на настава на дисперзирани студии. За тоа нема ни минимални услови за таква намена. Јас им понудував да одат на други места, а тие за жал беа упорни да останат тука. Со тоа им го скратија одморот и рекреацијата на 50 проценти на децата коишто сакаа да летуваат во одмаралиштето“.

Директорот на одмаралиштето на Пелистер, Љупчо Спировски, појаснува како вработените од ова и останатите три одмаралишта сепак успеале да ја избегнат судбината на „Голак“ кај Делчево; „Суви Лаки“ кај Берово или „Титови пионери“ во Дојран и останатите од кои голем дел се руинирани или се пренаменети во хотели за возрасни или купени, а се` уште вон фунција. „Веројатно е заслуга на сите вработени и желбата да се работи, да се одржува објектот, затоа што состојбата со другите објекти е сосема различна. Ние одмаралиштето го чувствуваме како свој дом, наша егзистенција и многу ја сакаме планината.“

Инаку Министерството за труд и социјална политика во чија надлежност беа детските одмаралишта ја води постапките за продажба според принцип стока за пари без никави обврски за инвеститори, па ни да ја задржат основната функција, да останат детски одмаралишта.

На работниците им останаа само сеќавањата

Освен децата и македонските работници ги загубија своите одмаралишта најчесто во камп населбите Ас, „Андон Дуков“ на Охридското и останатите македонски езера. Според синдикатот, со пропаѓањето на фирмите и губењето на одмаралиштата беше уште еден удар врз работниците, потенцира за Дојче Веле Себо Шакиров претседател на Регионалниот синдикат на Велес. Речиси сите велешки фирми имаа свои камп-приколки во Ас и на други места. Сега нема никој освен А.Д. „Жито Вардар“ и едно-две јавни претпријатија, а иста е состојбата и во останатите македонски градови. Новите газди сметаа дека камп-приколките се само вишок, затоа го скратија одморот и ги распродадоа камповите. „Тие сега се претежно продадени или одземени од претпријатието или фирмата која стопанисува со тој простор таму. Со оглед на тоа дека две или три години немаа платено, им претстоеше и преземање на камп приколките. За да не се троши газдата, тие се оставени таму на фирмата која стапанисува со тој објект.“

Македонските работници ги загубија своите фирми ги загубија и одмаралиштата. Во последниве десетина години само се присетуваат и евоцираат спомени на летувањето во камп одмаралиштата. Со минималец-плата со која едвај преживуваат, за жал сега воопшто и не помислуваат на летување.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Трајче Тосев

Поврзана содржина