1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Македонија недостaсуваат бројни занимања

Електромонтери, инсталатери, фармацевтски и градежни техничари - голем број струки се дефицитарни во Македонија. Дополнителен проблем е што постоечкиот кадар ја напушта државата најчесто поради ниските примања.

Неусогласеноста помеѓу образовниот систем и потребите на пазарот на труд е причина многу од неопходните занимања во Македонија воопшто да ги нема во образовниот систем, а дефицитарните кадри, поради повисоки плата, најчесто си заминуваат во странство.

Електроинсталатер и монтер на водоводна и гасоводна инсталација, гастрономи, медицински персонал, градежени техничари и работници, се само дел од занимањата кои според информацијата на Агенцијата за вработување на Р. Македонија за ДВ, „се секогаш барани струки на пазарот на трудот“.

Некои занаети воопшти ги нема во образовниот систем

Во Македонија недостасуваат школувани касапи за работа во месната индустрија, специјализирани работници за кожарската индустрија, молери, монтери, пекари, одржувачи на машини за текстилната индустрија и други.

Некои од овие занимања воопшто и не постојат во образовниот систем во земјата, констатира економистот Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.

„Единствен начин да ги пополниме овие работни места е преку преквалификација на работната сила. Тоа во последниве години го прави Агенцијата за вработување, но тоа е недоволно за да да се задоволат сите потреби на работодавците кои мака мачат поради недостиг на овие кадри“.

Deutschland Spanien Spanische Klempner-Praktikanten

Работодавачите се залагаат за практична обука на младите

Работодавачите ја нагласуваат потребата од вработување работници со работно искуство, како и стекнати дополнителни знаења и вештини. Тие воедно предлагаат до Министерството за образование и наука (МОН), средношколците кои учат за дефицитарни занимања задолжително да имаат практична настава.

„Недостатокот од работно искуство и дополнителни вештини претставува основен проблем со кој се соочуваат работодавачите при пополнување на слободните работни места“, потенцира Димитров.

Работа за дефицитарни кадри има, но за повисоки плати заминуваат во странство

Работа за заварувачи и останати дефицитарни струки има, но иако се дефицитарни тие се малку платени.

Еден од нив, Сашо Петровски заварувач од Скопје, а кој работел во повеќе фирми вели дека работа има, но платата е едвај петнаесетина илјади, што е минимално и потенцира:

„Работата посебно мојата е многу напорна, а и постојано сум изложен на зрачење и очите ми се расипуваат, а сето тоа не се исплати да го работиш овде во Македонија за минимална плата. Затоа решив и се пријавив за истата работа во странство, ќе си заминам наскоро и ќе работам во Германија, каде очекувам и многу повисока плата“.

Mazedonien Land und Leute Gymnasium Korcagin

Гимназија

Еден средношколец кој учи гимназија и сака да остане анонимен ни појаснува: „Не, нѐ сакам да учам занает, тоа е тешка работа, а и не е многу платена, а по завршување на гимназијата ќе студирам правни науки“.

Агенцијата за вработување на Македонија од 2008 година наваму спроведува обуки за преквалификација на дефицитарни кадри. Во информацијата за ДВ се појаснува: „Годинава обуките се реализираат во 12 града од страна на 23 провајдери, за 250 невработени лица за дваесетина дефицитарни занимања“.

Според работодавците: „тоа е добро, но засега е недоволно овие преквалификувани кадри да ги задоволат сите потреби на пазарот на труд“.

Подобра координација меѓу МОН и работодавачите

За надминување на проблемот според експертите потребна е подобра координација помеѓу МОН и работодавачите: „Тие треба да се запознаат целосно со сите потреби на пазарот на трудот, а на таа основа да ги усогласат своите наставни програми за дефицитарни занимања. Воедно што поскоро треба да воведат и настава за дефицитарни занимања кои се потребни на индустријата во Македонија, а кои сега ги нема во образовниот процес“.