1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Македонија има големи класни разлики

Според податоците на Светска банка, јазот меѓу богатите и сиромашните во Македонија е најголем во споредба со земјите од Европа и поранешниот СССР. Најбогатите 20% имаат речиси исти приходи како останатите 80 проценти.

Прашањето на нееднаквоста во светот е актуелно повеќе од кога било. Во Македонија малку се зборува на овaа тема и покрај тоа што податоците покажуваат тренд на осиромашување на мнозинството граѓани, наспроти богатењето на мал процент луѓе што акумулираат огромнo количeство пари.

Јазот меѓу богатите и сиромашните се мери со меѓународно прифатениот Џини-индекс, врз основа на распределбата на приходите. Индексот ги поставува земјите меѓу совршена еднаквост, каде приходот на сите е ист, претставен како резултат од нула и индекс од 100 што претставува совршена нееднаквост.

Во Македонија нееднаквоста бележи континуиран пораст. Според податоците на Светската банка, Џини-индексот во 1998 година изнесувал 28,1, а во 2010 година се качил на 43,6 индексни поени. Според овие резултати, земјата има највисоки класни разлики во Европа и земјите од поранешниот СССР. Податоците на Светска банка за уделот во приходите по квантили и децили, покажуваат дека најбогатите 20% имаат речиси исти приходи како останатите 80%.

Професор Мирољуб Шукаров од Универзитетот на Југоисточна Европа, за Дојче веле коментира: „Македонија се наоѓа во зоната многу блиска до онаа на земјите со многу високи доходни нерамномерности. Тоа е последица на неповолните развојни политики кои се водат во земјата во подолг временски период. Имено, големата раслоеност не може да настане во куси периоди, туку тоа е резултат на подолгорочни неповолни доходни движења и несоодветни социјални и развојни политики.“

Државниот завод за статистика со поинакви резултати

Според податоците на Државниот завод за статистика, Џини-индексот паднал за два индексни поени од 2010 до 2011 година, односно од 41 на 39. Во извештајот објавен е и соодносот на приходите на најсиромашните и најбогатите, кој според податоците пораснал од 10 на 12 пати. Според некои експерти, овие резултати се противречни. Од Заводот за статистика објаснуваат:

„Соодносот помеѓу збировите на највисоките и најниските 20 проценти на еквивалентни приходи на лицата во домаќинствата, S80/S20, е поголем заради тоа што имаме повеќе домаќинства со приход 0, па просекот на најнискиот квинтил е понизок, а Џини значи дека во просек е помала разликата во дистрибуцијата на приходите на домакинствата.“

Symbolbild Bettler

Во Македонија нееднаквоста бележи континуиран пораст

Професорот Шукаров за намалувањето на Џини вели: „Во последно време се забележува минимално намалување на Џини-коефициентот, но не како резултат на политиките за порамномерна распределба на материјалното богатство во земјата, туку повеќе како резултат на политиката на вработувања во државниот сектор. Приватниот сектор нема забележлива виталност во поблиското минато.“

Фрапантни разлики меѓу платите

Во студијата „Богатството и сиромаштијата во Македонија“, авторите од левичарското движење „Солидарност“, Здравко Савески, Артан Садику и Кире Василев, ги анализираат аспектите на растечката нееднаквост, користејќи податоци од домашни и меѓународни институции. Тие доаѓаат до заклучоци дека во земјата „воопшто не се проблематизира недостатокот на вистинска политичка волја да се решат социјалните проблеми, ниту пак му се посветува внимание на придружниот процес на осиромашување на мнозинството – збогатување на малцинството.“

Студијата го разгледува периодот 2008 – 2012 година и се прават споредби меѓу највисоката, средната и минималната плата во земјата: „Во 2008 година највисоката бруто плата беше 48 пати повисока од просечната, а во 2011 станува повисока за 185 пати. Во истата година, највисоката нето плата е 245 пати повисока од просечната, додека во однос на минималната од 8.050 денари, повисока е дури 631 пати“, се вели во студијата.

Мерки за збогатување на богатите

Авторите во студијата наведуваат дека конзервативната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, избрана во 2006 година, спроведе неколку мерки кои отворено се во полза на богатите:

„Намалени беа стапките на персоналниот данок, данокот на добивка и на придонесите за социјално осигурување, а покрај тоа беше воведено привилегирано законско фаворизирање на екстра богатите, со значителни финансиски репрекусии по државниот буџет. Владата воведе рамен данок. Стапките на данокот пред 2007 година беа 15, 18 и 24%. Во 2007 година стапката на рамниот данок беше 12%, за во следната година да биде намалена на 10%“, се вели во студијата.

Авторите го истакнуваат и намалувањето на придонесите за социјално осигурување усвоено во 2008 година, од 19,2% во 2009 година, на 18% во 2010, и тоа дека Владата планира да ја намали стапката на 17,5% во 2015 година.

Најдрастичнот аспект на политиката на Владата на менување на законите во полза на богатите, се вели во студијата, е одредбата од 2008 година, која пропишува дека највисоката месечна основица за пресметување и уплата ќе биде износот од четири просечни бруто плати: „Оваа одредба крие важна привилегија за екстра богатите да плаќаат придонеси само на дел од нивната бруто плата“, истакнуваат авторите. „На пример, во 2011 година, менаџерот што примаше највисока месечна бруто плата од 92.284 евра, плаќаше придонеси како неговата бруто плата да била само 1.974 евра.“

Bettler, Symbolbild Gegensatz zwischen arm und reich

Во продолжение на истражувањето е наведено дека „владините политики во однос на збогатувањето на богатите стануваат јасни кога се анализираат извештаите на Управата за јавни приходи. Највисоката бруто плата се зголеми повеќе од четири пати од 2008 до 2011 година, односно од 20.305 евра на 92.284 евра.“

Професорот по политички науки Здравко Савески вели: „Со оваа мерка која ги привилегира десетте најбогати луѓе, државата во 2011 година загуби еден милион и 100 илјади евра. Со оваа сума можат да бидат покриени 560 стечајци. Ете од каде пари за над 500 луѓе. Тоа значи, ако се има политичка волја, можат да се најдат пари.“

Дојче веле побара одговор од Министерството за фининсии и Министерството за труд и социјална политика, за тоа дали во моментов се преземаат мерки за да се смени трендот на зголемување на јазот помеѓу багатите и сиромашните, но одговор не добивме.