1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во Македонија е неподносливо да се работи како новинар

И Меѓународната и Европската федерација на новинари денеска се огласија за лошата состојба со медиумите во Македонија. Остри критики дојдоа од претседателот на Меѓународната федерација на новинари, Џим Боумела.

default

Поддршка за борбата на новинарите во Македонија за слобода на печатот денеска стаса и од Меѓународната федерација на новинари.

„Македонските новинари се под огромен притисок од политичарите и сопствениците на медиумите и неодамнешните настани покажуваат дека државата ја достигнала точката, на која едноставно станува неподносливо да се работи слободно во новинарството“, вели претседателот на Меѓународната федерација на новинари, Џим Боумела.

Со реакција излезе и Европската федерација на новинари, која пред еден месец на годишното собрание усвои изјава против нефер работните договори во македонските медиуми.

„Последниве години Македонија покажува лоши резултати во однос на слободата на новинарството и ние сме загрижени што држава – кандидат за членство во ЕУ не работи сериозно на основните права, како што е слободата на печатот“, нагласува претседателот на Европската федерација на новинари, Арне Кониг.

Mazedonien TV Alfa

Над 200 новинари и медиумски професионалци во Македонија можат да ги загубат своите работни места во наредните месеци

„Ние се надеваме дека Европската комисија ќе ја земе предвид нашата загриженост при проценката на напредокот на земјата кон ЕУ и ги повикуваме македонските власти да ги почитуваат стандардите за слободата на печатот и новинарските права”, додава Кониг.

Неселективна примена на законите

Властите на Македонија да преземат итни мерки за подобрување на законодавството и примена на законите на неселективен начин, за да се спречи новинарите да бидат отпуштани од сопствениците на медиумите со заобиколување на стандардните процедури, со цел да се ослободат од оние кои зборуваат против кршењето на основните права, бараат надлежните од Меѓународната и Европската федерација на новинари.

Овие организации оценуваат дека ситуацијата во медиумската сфера во Македонија се влошува, неколку весници најавија драстично намалување, а сериозни, искусни и почитувани новинари се веднаш отпуштени откако презеле очајнички потег за да протестираат и да зборуваат во јавноста. Вкупно над 200 новинари и медиумски професионалци можат да ги загубат своите работни места во наредните месеци. Четири медиуми (весници Шпиц, Време, Коха е Ре и A1ТВ) се под ризик да бидат затворени поради обвиненијата за затајување данок на нивниот сопственик. Голем број новинари се под постојан притисок да работат за политички или бизнис интереси, стои во дописот од двете организации.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски

DW.COM