1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во лов на инвестиции со полупразна пушка

Десетици фабрики, илјадници нови вработувања... Годинава се очекува да биде рекордна во делот на странските инвестиции во РМ. Експертите скептични, владата оптимист.

Ќе и‘ се случи ли на Македонија инвестициски бум од исток или владините роуд шоуа низ брзорастечките земји ќе завршат со најавите за отворање десетици фабрики? Индија, Катар, Малезија, како и Кина и Русија се дестинациите каде владините економски министри ги промовираат инвестициските можности во земјата.

Според владата, интересот кај инвеститорите е голем и допрва ќе треба да стане конкретен. За дел од експертите пак, ваквата стратегија е погрешна и далеку од можностите на среден рок да ја повлече економијата. Економскиот аналитичар Кире Наумов смета дека брзорастечките земји кои сопствениот раст го темелат на странските инвестиции се‘ уште не се подготвени за позначаен настап на пазари како македонскиот, со кои имаат главно ниска трговска размена. Според него, нереално е да се очекува Македонија да стане прозорец кон Европа за нивните бизниси во услови на поскапа работна сила и недоволно развиена инфраструктура во земјата: 

„Изгледа малку чудно кога ќе им кажете на овие компании дека може да инвестираат во Македонија, а на пример имате сосема лоша, недовршена патна инфраструктура на потегот север-југ, незапочната или далеку од тоа патна инфраструктура исток-запад, состојба во која железницата секојдневно се руинира и се наоѓа пред колапс. Така што, не знам како тоа некој би сфатил дека тоа би било прозорец кон Европа? Како тие инвестиции би стигнувале до Европа?“, прашува Наумов.

Nikola Gruevski Karlos Slim

Доаѓањето на мултимилијардерот Карлос Слим ги подгреа надежите за нови странски инвестиции во Македонија

Владата пак, веќе најавува конкретни активности. Најавени се четири посети на компании од Индија, меѓу нив и од страна на претседателот на автомобилската асоцијација на оваа земја.  Активно се договарал и точниот датум за посета на бизнисмени од Катар кои изразиле интерес за инвестиции во нафтениот сектор и недвижностите:

„Има интерес и има резултати од овие посети бидејќи на тие компании им се потребни нови, брзорастечки пазари. Она што го нуди западна Европа е многу мал и недоволно брз економски развој, каде што тие можат да го оплодат својот капитал и од таа гледна точка бараат локации, посебно ова ни‘ го спомнаа бизнисмените и компаниите од Катар кои бараат места каде што може за релативно кратко време да се случи економски раст, каде што потенцијалите се многу поголеми отколку директно лоцирање на капиталот во Западна Европа“, изјави за Дојче Веле Виктор Мизо, директор на Технолошко индустриските развојни зони.  

Karte Straße von Hormus (700x394) Englisch

Владина делегација беше во Катар на крајот на март

Експертите советуваат да се обрне поголемо внимание и на домашните инвеститори кои постојано апелираат на ист третман со странските:

„Владата мора да се обиде пред се‘ да види дали можат да се искористат потенцијалите за инвестиции во самата држава, а потоа странските инвестиции би биле некој вид шлаг на тортата“, смета Наумов.

Лани во Македонија биле инвестирани 303 милиони евра, што е двојно повеќе од 2010. Доминантно учество во ова има акционерскиот капитал и реинвестираната добивка на компаниите. Владините прогнози за годинава се меѓу 300 и 500 милиони. Премиерот Никола Груевски очекува десетина нови инвестиции. Неодамна соопшти дека две американски и една германска компанија веќе донесле интерни одлуки за отворање фабрики во кои ќе се вработат до четири илјади луѓе.