1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Во Лигаta на шампионите многу возбудувања, голови, пресврти и неизвесни средби

На зимската олимпијада уште едно разочарување за Ани Фризингер

Вердер од Бремен може да сонува и за пласман во четврфиналето,на фудбалската Лига на шампионите, иако по синоќешната победа од првиот осминафинален дуел против Јувентус со 3 спрема 2 тоа е многу тешка задача. Но, победа е победа, а начинот на кој дојде до неа уште повеќе ќе ги охрабри и мотивира играчите на германскиот тим. Веќе во 8-та минута домаќините преку Шулц дојдоа во водство. „Голема работа е против еден ваков тим, кој секако спаѓа меѓу трите најдобри во светот, да се постигне добар резултат и да ни ги остави отворени можностите за реваншот. Можеме да бидеме горди“ – вели Шулц.

Но, до успехот водеше вистинска драма: во 73-тата минута Недвед израмни. Кога во 82-та минута Трезеге ја затресе мрежата на Вердер, се чинеше дека средбата е решена во полза на фаворитот Јувентус. Во фуриозен финиш репрезентативецот Тим Боровски во 87-та се погрижи за изедначување, за во втората минута од доигрувањето Мику да донесе целосен пресврт. Тренерот Томас Шаф беше задоволен, но не и без забелешки: „Ние вложивме толку многу, одигравме прекрасен натпревар, создадовме многу добри шанси – и потоа всушност сами со го загорчивме животот дозволувајќи да примиме два гола. Но, тимот функционираше извонредно. Ние сме способни да научиме од ова и нешто да промениме“.

Челзи и Барселона минатата година одиграа голем дуел во Лондон, а и синоќа не недостасуваше драматика – само годинава се чини шпанскиот тим ќе се реваншира за минатогодишната елиминација. Челзи поведе со автогол на Мота, Барса изедначи исто така со автогол – Тери ја затресе сопствената мрежа. Барселона, која 63 минути имаше играч повеќе по исклучувањето на Дел Хорно поради груб фаул, до победата стигна со голот на Ето во 80-тата минута.

Две сосем различни полувремиња во Амстердам: Ајакс во првото оствари водство против Интер со 2 спрема 0, во вториот дел италијанскиот претставник тоа го анулира и со нерешените 2 спрема 2 може помирно да го чека реваншот.

Вилјареал на два пати водеше во Глазгов, но Ренџерсите два пати изедначуваа. Прашање е дали тоа ќе им биде доволно за реваншот на 7-ми март.

Од зимската олимпијада во Торино:

Германката Ани Фризингер остана без медал во брзо лизгање на патеката од 1500 метри – нејзината парадна дисциплина - освојувајќи го четвртото место. Првите две места ги освоија Канаѓанките Синди Класен и Кристина Гроувс, бронзата и’ припадна на Холанѓанката Ирен Вуст.

Златниот медал во алпско скијање во слалом за жени го освои Швеѓанката Ања Першон. Во сноуборд, во дисциплината паралел велеслалом во братскиот дуел Филип Шох од Швајцарија беше подобар од една година помладиот Симон. Во скијање, скокови – слободен стил за жени златен медал за нивната сонародничка Евелин Лој. Женската штафета на Јужна Кореја беше најдобра во брзо лизгање на кратки патеки.

Во допинг-скандалот, австрискиот олимписки комитет призна дека при рацијата во сместувалишта на биатлонците и натпреварувачите во скијачко трчање биле пронајдени забранети допинг-средства.