1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Во Лајпциг разочарување од решението на Меѓународниот олимписки комитет

Атмосферата во центарот на Лајпциг по објавувањето на резултатите во Лозана

Атмосферата во центарот на Лајпциг по објавувањето на резултатите во Лозана

Околу 10 илјади луѓе во центарот на градот го следеа на голем екран преносот од Лозана. Кога Жак Рог не го спомна Лајпциг меѓу градовите што добија статус на официјални кандидати, настана вчудовидување, се слушнаа поединечни свирежи. Според анкетите, 90 проценти од неговите жители веруваа дека Лајпциг ќе се најде во втората рунда. Од бината се обрати градоначалникот Волфганг Тифензе: “Се разбира дека е болно што не се најдовме во потесниот избор на кандидатите. Многу е болно, бидејќи сите ние заеднички се боревме од се‘ срце и со сите сили, со неверојатни идеи. Поради тоа, на сите вам ви искажувам срдечна благодарност”.

Лајпциг се покажа како фер-губитник и им честита на поуспешните конкуренти. Тој настапи со алтернативен концепт на гигантизмот на олимписките игри, но Меѓународниот комитет оцени дека полумилионскиот град нема да биде во состојба да излезе на крај со организацијата на игрите. Лајпциг доби премалку поени за инфраструктурата и концептот за сместување на гостите, па не му помогнаа врвните оцени за финансирањето, политичката поддршка, безбедноста и еколошките аспекти и се најде на шесто место, за малку заостанувајќи зад Москва.

Сојузниот министер за внатрешни работи Ото Шили, кој лично беше во Лозана, се обиде да изнајде и утешни зборови: “Прво им честитам на градовите што беа избрани. Но, им честитам и на жителите на Лајпциг и на Росток кои поднесоа сјајна кандидатура. Можеме да бидеме горди на неа, иако не дојдовме на потег. Ја споделивме судбината на други градови. Париз досега два пати залудно се кандидираше, и дури сега се најде во потесен избор. Поради тоа не смееме да се обесхрабриме”.

Утре германскиот Национален олимписки комитет ќе ја анализира неуспешната кандидатура и како и дали била направена грешка при домашниот избор од кандидатите, а најрано во ноември наредната година ќе донесе решение за евентуална кандидатура за игрите во 2016-та година.