Во Кина убиени осуммина „терористи“ | Свет | DW | 30.12.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Кина убиени осуммина „терористи“

Полицијата во немирната кинеска провинција Синкјанг убила осум луѓе - терористи, како што тврди. Ујгурите пак се жалат на зголемено угнетување од страна на власта и бараат поголеми права.

Кинеската полиција денеска ликвидираше осум лица кои нападнале полициска станица во немирната западна покраина Синкјанг, соопштија локалните власти.

Напаѓачите носеле ножеви и активирале експлозивни направи, по што припадниците на полицијата отвориле оган.

„Околу 06.30 часот деветмина криминалци вооружени со ножеви ја нападнаа полициската станица, фрлајќи експлозивни направи и палејќи полициски возила“, објавија локалните власти.

„Полицијата презеде одлучни мери, усмрти осуммина и уапси еден напаѓач“, се додава во соопштението.

Нападот се случи во област Јаркенд, недалеку од Кашгар, на крајниот југ на Синкјанг, провинција во која значителен дел од населението е сочинето од Ујгури, со муслиманска вероисповест.

Претходно на почетокот на месецот полицијата уби 16 лица за време на немирите недалеку од Кашгар, при што загинаa и двајца полицајци.

Меѓу Кинезите и малцинските Ујгури одамна владеат тензии. Ујгурите се чувствуваат угнетувани од Кинезите на економски, политички и културен план. Кинеската влада пак ги обвинува Ујгурите за сепаратистички акции и тероризам.