1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во канџите на исламизмот

Фондацијата Квилијам во Лондон, основана минатата година, ги поддржува муслиманите кои се решаваат да им завртат грб на исламистичките групи.

default

Исламистички камп во Пакистан

Во англискиот главен град Лондон од април минатата година постои фондацијата Квилијам. Таа го носи името на шеикот Вилијам Абдула Квилијам, англиски конвертит, кој на почетокот на 20-от век ја изгради првата џамија во Велика Британија. Фондацијата ги поддржува муслиманите кои се решаваат да им завртат грб на исламистичките групи. Во меѓувреме таа има 15 постојани соработници, сите се поранешни исламисти. Еден од нив е Иштиак Хусеин, син на пакистански доселеник.

„За одредени работи мислев дека не се во ред и додека бев активен член, но се обидував да ги потиснам таквите мисли. Тоа е како еден вид врска, во која упорно сакаш да останеш, иако си свесен дека нешто не оди.“

Тежок процес на оттргнување

Иштиак Хусеин е поранешен исламист, на прагот на третата деценија од животот, роден е и израснат во Велика Британија, родителите му потекнуваат од Пакистан. Осум години припаѓал на Хисб ут-Тахрир, радикално исламистичка партија која се залага за создавање верска држава во светски рамки. Во Германија оваа организација е забранета поради нејзиниот антисемитизам. Хисб ут-Тахрир била негов дом, негова социјална и верска татковина. Процесот на раскинување со неа бил тежок, Иштиак бил ставен под притисок од организацијата:

„Прво ми велеа дека ѓаволот ме влечка по погрешен пат, дека морам да се држам цврсто до својата вера. Постојано прашував: зошто во Коранот не стои дека мораме да градиме исламска држава? Зошто во Коранот не пишува дека исламот е политичка идеологија? Таму стои дека исламот е само религија. На овие прашања не можеа да ми одговорат.“

Logo Quilliam Foundation

Лого на фондацијата Квилијам

Многу прашања без одговори

Иштиак Хусеин израснал во стабилни семејни односи, бил добро воспитан и се стекнал со голем круг пријатели. Сепак, во Велика Британија не се чувствувал сосема како дома, а како странец бил и во Пакистан. Имамот во локалната џамија не можел да му помогне, тој бил дојден од сосема поинаков

културен круг и не ги познавал добро Англичаните:

„На еден млад човек џамијата не може ништо да му понуди. Проповедите се држат на туѓ јазик, литературата е на арапски, урду или бенгалски јазик. Освен тоа, моето сeмејство не се интересираше за религија или политика. Во таков случај е лесно да налеташ на луѓе кои ти приоѓаат со готови одговори на сите прашања, а кои можеби припаѓаат на некоја радикална група.“

Разработена стратегија на врбување

Некои од џамиите во меѓувреме се поотворени, но кај многу процесот е на самиот почеток, вели Иштиак Хусеин. И Хисб ут-Тахрир во меѓувреме има поумерена фасада, но во принцип целите и‘ се исти. А во нејзината стратегија на регрутација ништо не е сменето.

Се‘ почнува со една едноставна јадица од прашања:

„Кој си ти? Како би го опишал твојот идентитет? Ако велиш, јас сум Британец, или јас сум Пакистанец, тогаш одговорот е погрешен. Идентитетите како Африканец, Пакистанец, Арап, ги измислиле колонијалните сили. Твојата лојалност е исклучиво во еден единствен од бога создаден идентитет, како муслиман. “

Tag der offenen Moschee Flash-Galerie

Коранот не проповеда убивање

Разговорот натаму се наведува на некој конфликт, за регрутите да се „запалат“ против немуслиманскиот свет. Во случајот на Иштиак Хусеин тоа бил масакрот во Босна, за други е тоа војната во Ирак или во Авганистан. Но, кога Иштиак веќе станал постојан член, Хисб ут-Тахрир пред очи му ставил една единствена цел: создавање калифат, муслиманска држава во светски рамки. Кога би отпаднале државните граници, тогаш би исчезнале и политичките конфликти, гласи мантрата, односно мотото кое постојано се повторува. Борбата против немуслиманскиот свет пак е од господ дадена обврска.

Злоупотреба на религијата

Наскоро Иштиак Хусеин го прошетал половина свет за и самиот да регрутира нови членови. Притоа се сретнал и со муслимански духовници кои се спротиставиле на неговите тези, поткрепувајќи ги своите ставови со Коранот. Крајно, Иштиак не можел повеќе да го игнорира сопствениот сомнеж.

„Каде во Коранот пишува дека мораме да водиме света војна и во неа да убиеме милиони луѓе?

На ова прашање неговите сопартијци немале одговор. Иштиак на крајот дошол до заклучокот, тие ја злоупотребуваат религијата за ширење на својата политичка идеологија. “

Во меѓувреме, тој работи за фондацијата Квилијам, која собира поранешни исламисти и развива стратегии против муслиманскиот екстремизам. Иштиак работи како консултант за полицијата и силите на безбедноста, оди во училишта, на универзитети, настапува во јавни дебати, па и во муслимански заедници:

„Хицб ут-Тахрир и Ал Каеда се на иста идеолошка линија, која муслиманското мнозинство мора да ја преиспита. Имамите мора јасно да ја означат ова идеологија како неисламска и да потенцираат дека нема основа во Коранот. Најголемиот дел од основачите на радикални организации не се експерти за ислам, туку лекари, адвокати, инженери. Забраната на радикалните групи би била погрешна, зашто само би ги натерала на илегална работа. Ние во Квилијам цврсто веруваме во можноста луѓето да се променат преку силата на дискусијата.“

Автор: Рут Рах/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев