1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Каиро нема мир

Во египетскиот главен град синоќа продолжија судирите меѓу демонстрантите и војската. Според владини извори, во уличните судири последниве денови загинале десет лица, а над 440 се повредени.

default

Плоштадот Тахрир повторно арена на судири

Судирите меѓу војската и демонстрантите во центарот на Каиро продолжија и синоќа, а во немирите што траат веќе три дена загинаа 10 лица, додека над 440 се повредени, јави египетската државна телевизија.

На видео снимки кои ги пренесоа западните медиуми се прикажани војници како за коса влечат жени по плочникот, симнувајќи им ги муслиманските шамии, како со шлаканици удираат една старица, и како клоцаат активисти кои мирно лежат на плоштадот Тахрир.

Ausschreitungen Demonstranten Polizei Tahir Platz Kairo

Главната улица меѓу плоштадот Тахрир, епицентарот на протестите со кои во февруари беше соборен режимот на Хосни Мубарак, и зградата на парламентот и владата, каде всушност претходното утро почнаа најновите судири, потсетува на воена зона.

Стотина демонстранти фрлаа камења и молотови коктели врз припадниците на безбедносните сили кои со бодликав тел ги блокираа улиците околу зградата на парламентот, додека војниците во судирите околу канцелариите на владата користеа палки, а според наводи на сведоци, и електрични стапови за гонење стока.

Улиците на Каиро се преполни со парчиња бетон, камења, искршено стакло и запален мебел. Судирите се развлекоа до доцна во ноќта.

Седумнаесет лица се уапсени, а ним им е одреден притвор од четири дена.

Насилството се разгоре вчера откако полицијата упадна во кампот на демонстрантите во центарот на градот. Тое бараат итно заминување на воената и воспоставување на цивилна власт во земјата.

Автор: ЖА/ АТ/ миа/ дв

Редактор: Александра Трајковска