1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Иран уапсени двајца германски новинари

Иранските власти уапсија двајца германски новинари бидејќи го интервјуирале синот на жена која се соочува со смрт со каменување. Официјален Техеран тврди дека тие биле туристи кои лажно се претставувале како новинари.

default

Иранскиот јавен обвинител Голам Хусеин Мохсени Еџеје потврди дека двајцата странци кои влегле во земјата како туристи се во притвор откако се обиделе да му постават неколку прашања на синот на Сакинех Мохамади Аштиани. Случајот на Аштиани предизвика бурни меѓународни реакции откако 43-годишната мајка на две деца, беше осудена на смрт со каменување поради прељуба и убиство на својот сопруг.

„Истрагата покажа дека двајцата странци не се новинари и тие се уапсени поради фалсификување на нивниот новинарски статус“, изјави Еџеје. Иако обвинителот одби да го соопшти нивниот идентитет, тој укажа дека се работи за Германци со тоа што ги поврза со иранскиот борец за човекови права со седиште во Келн, Мина Ахади.

И покрај притисокот, Иран настојува да ја спроведе казната против Аштиани

Iran Sakineh Mohammadi-Aschtiani Todesurteil durch Steinigung wegen Ehebruchs verurteilt

Сакинех Мохамади Аштиани, осудена на каменување

Портпарол на германското министерство за надворешни работи изјави дека амбасадата на оваа земја во Иран се обидува да ги потврди информациите дека станува збор за германски новинари. Здружението на германски новинари на својата интернет-страница повика на итно ослободување на новинарите. Претседателот на Здружението, Михаел Конкен оцени дека обвинувањата оти двајцата не биле акредитирани е само изговор за забраната за информирање за нарушувањето на човековите права во Иран.

Активистката Мина Ахади, телефонски, од својата канцеларија во Келн им преведувала на новинарите за време на интервјуто. Таа потврди дека станува збор за двајца новинари на германскиот весник „Билд ам зонтаг“, но одби да ги идентификува поради безбедносни причини.

И покрај притисокот од меѓународната заедница, иранските власти опстојуваат во намерата да ја извршат смртната казна врз Аштиани. Вчера околу 50 Иранци кои живеат во егзил во Норвешка, протестираа во Осло во поддршка на осудената Аштиани.

Автор: БГ/ АТ/ дпа/ афп

Редактор: Александра Трајковска