1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Иран се води борба за превласт

Демонстрантите во Иран се сомневаат во изборниот резултат и бараат нови избори. Но, тие и водачот на опозицијата Мир Хусеин Мусави, се само инструменти во внатрешната борба за превласт.

default

Зборовите на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, изречени со одглумена скромност, дека на изборите во Иран имало „40 милиони победници“, не се ништо друго освен цинизам. Навистина ли верува дека на избирачите може да им соопштува вакви бесмислици? На истите оние луѓе, кои по објавувањето на изборните резултати протeстираат, затоа што им бил „украден гласот“? Се чини дека верува во тоа.

Гласовите на Иранците беа крадени и порано

На Иранците, исто како на овие избори, гласовите им беа крадени и порано. Можно e тоа да не е правено само со манипулации при пребројувањето на гласовите, туку уште при претставувањето на најважниот противканидат на Ахмадинеџад, Мир Хусеин Мусави, и измамата, дека избирачите би можеле навистина да се одлучат меѓу досегашниот систем и нова реформирана и либерална држава. Многу поверојатно е, избирачите и сега - демонстрантите, да се користат како инструменти во внатрешната борба за превласт во срцето на Исламската република.

Борба за превласт

Тоа е борба за превласт меѓу поранешниот претседател Али Акбар Хашеми Рафсанџани на една и Махмуд Ахмадинеџад и врховниот духовен водач, ајатолахот Али Хамнеи на друга страна. Рафсанџани е еден од најбогатите и најмоќни луѓе во земјата. Тој е човек кој е присутен уште од времето на Револуцијата пред 30 години, и кој - сигурно не без сопствен интерес - веќе подолго време следи прагматичен курс во земјата, но и во странство. Во 2005 година, Рафсанџани загуби во вториот круг избори од Ахмадинеџад и, очигледно тоа не го преболе. Јавна тајна е дека тој е оној кој го извлече, веќе подзаборавениот во јавноста, стар соборник Мусави и со сите средства ја поддржуваше неговата изборна кампања. Мусави не е богат човек, партии нема - значи нема ни партиско финансирање - па оттука и сомнежот дека неограничените средства за изборната кампања доаѓаат од најдлабокиот џеб во земјата - оној на Рафсанџани.

Напад врз Рафсанџани

Ахмадинеџат постојано го напаѓаше Рафсанџани во изборната кампања и му префрли нему и на семејството корупција и обогатување, а кога врховниот религиознен водач презема потези како да го зема во заштита, конфронтацијата стана уште пожестока. Кулминацијата беше достигната во саботата, кога привремено беше уапсена ќерката и четворица други членови на семејството на Рафсанџани.

Инструментализација на демонстрантите

Демонстрантите на улица се чини не ги гледаат овие поврзаности. Многумина од нив на протестите не бараат да се укине државниот систем, туку тој да се либерализира. Дали се тие подготвени, да служат како војници во опишаната борба за превласт, е тешко да се каже, и тоа како војници без оружје, кои безнадежно му подлегнале на државното насилство?

А Мусави? И тој во одредена мерка е војник во оваа борба, независно од неговата театрална закана дека порадо ќе умре како маченик, отколку да престанат протестите. На сите им е јасно дека ова никому нема да му користи. Во неговото политичко преживување можеби лежи и единствената шанса: ако на Мусави му успее да спречи нова есклација, тогаш би можел, првпат во историјата на Исламската република, да стане водач на внатрешната политичка опозиција. Притоа, фактот дека и самиот порано беше „хардлајнер“, не игра никаква улога.


Автор на коментарот: Петер Филип

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска