1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Индија ќерката е сѐ уште „несреќа“

Двата последни случаи на силување странци во Индија повторно ја ставија земјата на „столбот на срамот“. Насилството против жените е длабоко вкоренето во индиското општество. Причините се различни.

Една 18-годишна Германка била малтретирана во воз во јужна Индија. Сторителот наводно бил сезонски работник од провинцијата. Неколку дена потоа една данска туристка залутала во Њу Делхи. Била нападната од група мажи, силувана и претепана. Осум лица се идентификувани како сторители на нападот и обвинети. Двата случаи повторно го враќаат вниманието на јавноста кон секојдневното насилство врз жените во Индија.

Еден извонредно брутален случај на силување во 2012 година предизвика огорченост во целиот свет. Тогаш, неколку мажи силуваа млада студентка во автобус во индискиот главен град, и тоа додека автобусот минувал низ полициска контрола. Поради тешките повреди при силувањето, девојчето подоцна почина. Бесот ескалираше во Њу Делхи, град кој во меѓувреме станува познат како „метропола на силувањата“.

Стара „традиција“

Уште во староиндиските извори на жените во општеството им е доделена подредена улога, појаснува индологот Ренате Сијад од Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен. Во книгата „Ќерката е несреќа“, Сијед интензивно ја истражува дискриминацијата на жените во стара и модерна Индија. „Жената одсекогаш важела како сопственост на мажот. Само мажот е сметан за разумно битие, а жените важеле за неразумни“, вели Сијед.

„Тоа и денес се случува во Индија, кога на жената не ѝ се дозволува да изгради сопствен идентитет. На жените секогаш се гледа како на нечија ќерка или сопруга. Така им се одзема автономијата“.

Индија во моментов се наоѓа во фаза на модернизација. Земјата бележи извонредно високи стапки на економски раст, но тоа во истовреме го продлабочува јазот меѓу богатите и сиромашните во земјата. Притоа, околу две третини од населението сѐ уште живее во рурални подрачја, најчесто без вода и струја, и се занимава со земјоделство.

„Фрустрацијата расте. Но тоа не е единствената причина поради насилството врз жените е толку вкоренето во општеството. Нашиот правен систем не функционира, а полицијата е корумпирана и бавна“, вели Урваши Буталиа, активистка за женските права од Делхи. Полицијата често ги штити силувачите, особено доколку станува збор за богати и влијателни личности. Обврската да го докажат делото тогаш паѓа врз жртвите. Притоа, и судството е преоптоварено, па се случува да се чекаат и неколку години до почетокот на некој процес.

Благи подобрувања

Постојат и други причини поради кои жените се маргинализирани во индиското општество. Според старите обичаи, пред свадба се бара мираз од семејството на младата. Иако тоа законски е забрането, сѐ уште се практикува. Така девојките и жените стануваат голем финансиски товар за семејствата.

Gedenken Indien Gruppenvergewaltigung Mord 29.12.2013

Одбележување на годишнина од смртта на Индијка- жртва на силување

Поради тоа во некои сојузни држави сѐ почесто се абортираат женски фетуси. Дискриминацијата на девојчињата почнува уште од рана возраст. Релевантни истражувања покажуваат дека мајките подолго ги дојат своите синови отколку ќерките. Во многу семејства, образованието на девојчињата се жртвува за сметка на синовите, кои се сметаат за „гаранција“ за благосостојба на семејството. Индиската влада се обиде да му застане на крај на таквиот обичај, со тоа што воведе бесплатно образование за девојчињата. Резултатите покажуваат подобрување на состојбата. За десет години, од 2001. до 2011. писменоста кај жените се зголеми од 48 на 65,4 проценти.

Активистката Урваши Буталиа гледа сигнали за промени на подобро. По силувањето во 2012. година во општеството е отворена дебата и се пријавуваат сѐ повеќе случаи. „Кривичниот закон е заострен, иако владата не ги прифати сите наши предлози“.

До вистински промени може да дојде само преку образование, вели Буталиа. А тоа мора да започне во семејствата. Освен тоа, жената мора повеќе да се ангажира во политиката. Промените ќе дојдат, но тоа ќе биде долг процес, уверена е Буталиа.