1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Во Индија се умира од студ

Ретко кој може да ја замисли Индија како земја каде може да се умре од студ. Во последните години, само во Њу Делхи од студ починале околу 7.000 бездомници. Но се чини дека никој не е загрижен поради ваквиот податок.

Вистинскиот студ допрва претстои, а многумина уште сега стравуваат за бројот на жртвите од оваа зима. Дотолку повеќе што многу луѓе во Њу Делхи немаат друг избор и мора да живеат на улица.

Меѓу нив е и Маниш Канган, кој минатата година го загубил својот помал брат. Дваесетгодишниот Рајеш не успеал да ја издржи зимата и починал на улиците на индиската метропола.

„Не можевме да си ги дозволиме ниту привремените пунктови кои градската управа ги отвори во тој период“, објаснува Канган. „Дури и кога имавме работа, дневниците беа ниски и улицата беше нашиот единствен дом. Брат ми почина од воспаление на белите дробови, а јас не можев да направам ништо за да му помогнам“, објаснува Канган.

За жал, Рајеш е само една од жртвите на студот, кои ги има се’ повеќе. Според податоците на полицијата од Њу Делхи, во периодот од 2007 до 2011, поради ладното време починале 6.861 луѓе. Починатите се најчесто од машкиот пол, но меѓу жртвите имало и 277 жени и 105 деца.

Obdachloser Neu Delhi Indien

Индија има голем број бездомници

„Најголемиот проблем е што ниту една национална или градска хуманитарна организација не е заинтересирана за судбината на бездомниците“, објаснува С.А. Азад кој се обидува да ја подигне јавната свест по однос на ова прашање. Според него, реалната ситуација е многу полоша, бидејќи има голем број на жртви, кои воопшто не се евидентирани во статистиките на полицијата.

Се рушат прибежиштата за бездомници

Пред две години Врховниот суд во Индија им нареди на сите сојузни држави да ги заштитат од рушење прибежиштата за бездомници. Судскиот налог беше донесен минатата зима откако властите во Делхи веќе уништија неколку пунктови. Судот наредил и привремени „дисциплински мерки“ за градските службеници кои дале наредба за рушењето.

Сепак, навладините организации за заштита на човековите права тврдат дека судската забрана воопшто не се почитува и дека и годинава се срушени и затворени многу прибежишта за бездомници. Не само што уништуваат, туку властите не ни превземаат никакви други мерки за заштита на бездомниците во текот на зимата.

„Секое општество, секоја нација се мери според тоа како се однесува со своите најзагрозени членови“, констатира Амет Јозеф од Фондацијата за заедници и вработување.

„Во оваа насока Индија не се претставува во добро светло. Владата мора да преземе итни мерки кои ќе овозможат непречено спроведување на судската одлука и заштита на бездомниците, особено на жените меѓу нив“.

Kältwelle in Indien

Бездомниците на под со прекривки се штитат од студот

170 милиони Индијци живеат во сиромаштија

Во моментов Индија се соочува и со други големи проблеми: жителите на сиромашните градски квартови живеат речиси исто како бездомниците. Бројката на луѓе кои живеат во сиромашните предградија е застрашувачка: во земјата која има преку една милијарда жители, 170 милиони од нив живеат во сламови. Во проценти, тоа би било дури 63 отсто од вкупниот број на жителите во сламови во јужна Азија и 17 отсто од светската популација која живее на работ од сиромаштијата.

Бројот на бездомниците пак, само во Њу Делхи изнесува 150.000. Од друга страна, во градот има 64 постојани и 54 привремени прибежишта кои во полн капацитет би можеле да примат околу 14 илјади луѓе. Тоа практично значи дека голем број на бездомници се препуштени самите на себе.

„Немам друг избор, улицата и животот под отворено небо е единственото нешто што го знам во последниве четири години. Тоа е навистина тешка битка, но успевам да преживеам. Уште колку долго, навистина не знам“, признава Разија Баи.

Владата не располага со службена статистка за бројот на смртни случаи меѓу сирамоашното население во Индија. Хуманитарните организации воопшто не се осмелуваат да претпостават колку луѓе умираат на улиците на Индија. Сепак многумина сметаат дека најголем проблем за земјата не е ладната зима туку летниот период. Тогаш е сезоната на монсуни во која животите ги губат голем број луѓе.