1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во иднина-општинска и национална полиција?

Заедницата на единици на локална самоуправа на Македонија деновиве упати предлог до МВР за изработка на стратегија за идно разграничување на надлежностите на полицијата: да постојат локална и национална полиција.

default

ЗЕЛС бара општински инспектори и полицајци

Се образложува дека оваа идеја се темели врз позитивни практики од Франција, Канада, Италија, Шпанија и други западни земји. Во нив е утврдена надлежноста на општините да организираат општинска, односно комунална полиција. На Министерството за внатрешни работи му е предложено да се разгледаат ваквите искуства и според нивниот пример евентуално да се пристапи кон системски реформи и усогласување на прописите, со што и локалните самоуправи во Македонија ќе добијат ваква компетенција.

„Прво студија за можностите, а потоа системска реформа и измена во законот за полиција“

Извршната директорка на асоцијацијата на општини Душица Перишиќ ги пренесува ставовите од Управниот одбор на ЗЕЛС што треба да постои во рамки на една општинска полиција и за што таа да се грижи: „Таа би требало да се состои од комунални, односно, општински инспектори и полицајци, кои би се грижеле за редот во општината, за одржувањето на јавниот ред и мир, за начинот на паркирање, за проблемите при немири ... Предложивме не веднаш да се направи закон, туку заедно да ги разгледаме можностите, дали постои можност за такво нешто, потоа да се изготви одредена студија, која натаму би резултирала, претпоставувам, со донесување закон и регулирање на овие прашања.“

Градоначалникот на Тетово Сади Беџети вели: „Овој предлог до МВР не е случаен, тој произлегува поради проблемите, кои ги имаат општините: кога се бара интервенција за одржување на јавниот ред и мир, заради интервенции при справувањата со градењата без дозволи, при што треба да бараме полицијата да не‘ заштити. Исто така, општинската полиција треба да се грижи за сообраќајот во градот и воопшто, таа да биде постојано присутна на терен и да биде од корист на граѓаните. Секако, и да нема злоупотреби со постоењето ваква општинска полиција.“

Првите реакции од ресорното министерство се дека Македонија во 2007 година доби закон за полиција, со кој во значајна мера веќе се децентрализирани дел од нејзините надлежности со тоа што изборот на командирите ги вршат советите на општините, на кои им се поднесува и отчет во текот на годината.

Polizei in Mazedonien

Припадници на македонската полиција

Цане Мојановски, професор по предметот „Полицијата и заедницата“ на Полициската академија во Скопје, посочува на постоењењето на концептот „комјунити полисинг“, односно, на доближувањето на полицијата до граѓаните: „Од 2002 година во Македонија со помош на ОБСЕ се развива овој концепт за советодавни групи на граѓани, во кој што тие и полицијата работат на единствени цели за намалување на опасностите по безбедноста и особено за спречување на криминалот.“

„Нереално да се очекува општинската полиција да биде некаков нов вид униформирана полиција“

Предупредувајќи дека со евентуално формирање општинска полиција би било нереално да се очекува тоа да биде некаков нов вид униформирана полиција, професорот Мојановски го конкретизира својот став околу предлогот на ЗЕЛС: „Што се однесува до оваа иницијатива, веројатно таа повеќе би требало да се насочи кон тоа дека единиците на локална самоуправа имаат потреба од засилен инспекциски надзор при примената на законите и законските мерки. Овде се работи за почитување на законските решенија во надлежност на различни инспекциски органи, како, на пример, шумска полиција, комунална полиција, кои помалку или повеќе се обврзани да вршат засилен надглед во реализирањето на законите во нивната област.“

Тој заклучува: „Секако дека овие два сегмента: развојот на концептот во кој полицијата и граѓаните ќе работат на спречување на криминалот и децентрализирањето на инспекциските органи и служби на локално ниво ќе создадат услови општинските заедници да се чувствуваат како организирани средини, кои работат заедно на кревањето на квалитетот на животот на граѓаните.“

Останува допрва да се види дали барањата на Заедницата на општини ќе доведат до проширување на постојната законска рамка за функционирање на полицијата во Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска