1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Во зоната на еврото 13,5 милиони невработени

Во изборот од стопански вести: ОЕЦД предвидува стапката на невработеност во зоната на еврото да надмине 11 проценти. Преполовени нарачките во германската машиноградба. Помош од Канада за ММФ и Светската банка.

default

Нов шеф на „Германската железница“ ќе биде Ридигер Грубе, досегашен менаџер на автомобилскиот концерн „Дајмлер“ и претседател на Управниот совет на европскиот воздухопловен концерн ЕАДС, потврди изутрината германското Министерство за сообраќај. Министерот за транспорт Волфганг Тифензе соопшти дека тоа кадровско решение е договорено со канцеларот Ангела Меркел и со нејзиниот заменик, министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер. Покрај со „Германската железница“, 57-годишниот Грубе ќе раководи и со фирмата-ќерка, „ДБ Мобилити логистикс“. Долгогодишниот шеф на железницата Хартмут Медорн понуди оставка во понеделникот, поради зачестените скандали со шпионирање на вработените во фирмата.

Daimler Manager Grube soll Bahnchef werden

Доаѓа на чело на Германската железница: Ридигер Грубе

Се заострува кризата на германската машиноградба. Побарувачката во февруари падна за речиси 50 проценти. Според наводи на здружението на производителите од оваа бранша, ова е најголем пад од 1958 година, од кога се води регистер на нарачките. Во машиноградбата во Германија работат околу еден милион луѓе.

Во земјите од зоната на еврото, само во февруари околу 320 илјади лица останаа без работа. Според европските статистички власти, вкупната бројка на невработени во зоната достигна 13,5 милиони, што претставува стапка од 8,5 насто. Организацијата за економска соработка и развој - ОЕЦД предвидува во наредната година стапката да надмине 11 проценти.

Во Европа се пријавуваат се’ повеќе патенти. Како што соопшти Европскиот завод за патенти во Минхен, минатата година биле поднесени околу 150 илјади барања за патентирање, што е за речиси 4 проценти повеќе од годината пред тоа. Една петтина од барањата се поднесени од Германија. Најиновативни во Германија се Баварците со 7 илјади поднесени барања, пред пронаоѓачите од Баден Виртемберг со 6 илјади поднесоци.

Премиерот на Канада Стивен Харпер му навести на Меѓународниот монетарен фонд итна помош од 10 милијарди долари, односно околу 9,3 милиајрди евра. Парите се наменети за помош на земјите во развој и во подем, кои се посебно тешко погодени од економската криза. Канада ќе и’ стави на располагање 200 милиони долари и на Светската банка. Поради солидниот финансиски систем, Канада е една од ретките западни земји, која не мораше да ги помага своите банки финансиски или со обемни гаранции.

Со оглед на растечката невработеност, Јапонија сака да наведе на отселување илјадници доселеници со еднократна исплата на 300 илјади јени, односно околу 2300 евра, и уште по околу 1500 евра за секој член од семејството. Програмата е насочена кон околу 400 илјади јужноамерикански доселеници со јапонско потекло. Стапката на невработеност во Јапонија изнесува 4,4 насто и е на највисоко ниво за последните три години.

Автор: ЗЈ/дв

Редактор: Александра Трајковска