1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Во зимските спортови - викенд под знакот на успесите на германските спортисти

Олимпискиот шампион и светски првак Андре' Ланге ја одбрани титулата на светското првенство во боб- четирисед, што се одржа во Кенигзе. Во двете вчерашни возења Ланге како пилот успеа да оствари најдобри времиња, па со предност од само 35 стотинки во вкупното време по четирите возења со својот екипаж го освои првото место, пред сонародникот Кристоф Ланген и американскиот боб со Тод Хејс како пилот. Доказ за доминацијата на Германците е и четвртото место на Матијас Хепфнер и неговиот екипаж. "Ова е, како што реков и пред тоа, посебен момент во мојата кариера. Секако е голема работа да се победи на светското првенство токму овде, на патеката која е 'домашен терен' за Кристоф Ланген" изјави 30-годишниот Ланге, за кого ова беше веќе четврти златен медал од светските првенства. Клаудија Пехштајн со вчерашната победа на патеката од 5000 метри, остварена во холандскиот центар за брзо лизгање Херенвен, ја обезбеди својата втора севкупна победа во Светскиот куп на долги патеки. Четирикратната олимписка победничка од Берлин беше побрза од сонародничките Гунда Ниман-Штирнеман, која го освои второто, и Ани Фризингер, на третото место. Моник Гарбрехт-Енфелт, деветкратна светска првенка во брзо лизгање на куси патеки, беше трета во трката на 500 метри, зад Кинезинката Манли Ванг и Ангелика Котјуга од Белорусија. 35-годишнта Германка во светскиот куп сега се искачи на 4-тото место. Памела Целнер во Херенвен беше петта, а во светскиот куп севкупно е на 7-то место. Натпреварувачот во нордиска комбинација Рони Акерман во Холменколен кај Осло ја забележа 7-та победа во сезоната, по изведените скијачки скокови од 120 метарска скокалница и трчање на патека од 15 километри. Водечкиот во светскиот куп, Финецот Хану Манинен, на ова натпреварување стигна само до 8-то место. Рико Грос, светски првак во биатлон со старт на хронометар, во трката на 12 ипол километри во американскиот зимски центар Лејк Плесид го освои третото место. Победник беше Французинот Рафаел Поаре, кому тоа му беше веќе осма победа во оваа сезона и уште повеќе го зголеми водството во светскиот куп севкупно. Скијачката Марија Риш од Гармиш Партенкирхен направи изненадување со победата во натпреварот во слалом од светскиот скијачки куп, одржан во финскиот зимски центар Леви. Тоа е веќе трета победа на 19-годишната Риш во оваа сезона, но прва победа во дисциплината слалом за германска претставничка воопшто за последните 6 години. Втора во Леви беше Австријката Елизабет Гергл. Успешни беа и другите германски скијачки: Мартина Ертл е трета, Моника Бергман-Шмудерер петта, а Анемари Герг го освои 14-тото место. Алојз Фогел се пласира на 8-то место во слаломот од светскиот куп. На патеката во Крањска Гора во Словенија најбрз беше Норвежанецот Карлсен, пред сонародникот Стиансен и Австриецот Мат. Претстои финалето на светскиот куп за кое се пласира Фогел, како и Феликс Нојројтер, иако во Крањска Гора не го заврши второто возење.