1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Во ЕУ „стравот лозје чува“

Турбуленциите околу еврото се смирија, но во ЕУ, пред се’ германскиот министер за финансии Шојбле, тежнее кон реформа на финансискиот надзор и заострување на Пактот за стабилност.

default

Три проценти дефицит се дозволени, се’ над тоа подлежи на казни. Ова правило самите си го поставија земјите-членки на Еврозоната, за да го стабилизираат еврото. Но најдоцна по финансиската и економска криза, речиси и да нема земја која го исполнува ова правило. Грција има дефицит од речиси 13 проценти, во Ирска е слично. И покрај тоа, дури ни Грција не е казнета, иако ја предизвика пролетва кризата околу еврото. Со досега беспримерен спасувачки пакет за Грција и

Olli Rehn

Еврокомесарот Оли Рен

еврото, беа смирени пазарите. Според зборовите на европскиот комесар за монетарна политика, Оли Рен, мора да прекине небрежниот однос кон критериумите за стабилност: „Слично е како во фудбал. Играта не функционира ако играчите на секој фаул дискутираат со судијата околу правилата на игра. Оттука санкциите би требало да бидат нормална, автоматска последица на прекршувањата на правилата.“

Досега сите членки мораа да ги одобрат санкциите, а границата за тоа е висока. Предлогот на Рен е еден вид превртување на процесот на одлучување. Само квалификувано мнозинство да може да ги спречи санкциите.

Германија останува на барањето за реформа

Идеја која наидува на отворени врати кај германскиот министер за финансии Шојбле: „Би морале да извлечеме поука од искуствата од првите месеци на годинава. Развојот, по одлуките од првото полугодие е добар, но тоа понекогаш води до тоа да попушти еланот за извлекување консеквенвции.“

Wolfgang Schäuble Sparpaket

Германскиот министер Шојбле

Шојбле не очекува нов отпор за реформирање на европскиот финансиски надзор, откако претставниците на земјите-членки и парламентот постигнаа согласност. Наредната година би требало да почнат со работа три нови надзорни институции, за банките, за осигурувањата и за пазарите на хартии од вредност и да биде воведен систем за рано предупредување.

Отпор сепак има против европски данок за финансиски трансакции. Австрискиот министер за финансии Јосеф Прел во предвид има една земја: „Пречките се концентрирани на една точка и таа точка се вика Лондон. Финансискиот центар Лондон врши притисок врз политичките кругови кои донесуваат одлуки, да не биде спроведен данокот за финансиски трансакции. Мислам дека тој е неопходен и треба и натаму да се обидуваме да го скршиме дебелиот мраз и да работиме на тоа - тоа е важна поука од кризата.“

Но, противниците постојано повторуваат, само данок за финансиски трансакции во светски рамки би имал смисол, во поинаков случај Европа ќе слабее во однос на другите пазари.

Автор: Кристоф Хазелбах/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска