1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Во ЕУ со државјанство на новите членки

Законите на дел од новите членки на ЕУ, како Хрватска, Бугарија и Романија, ја олеснуваат постапката за државјанство за одредени групи на лица. Тоа би можело рапидно да го зголеми бројот на граѓани на ЕУ.

„Никогаш не сум се чувствувала вистински како Хрватка, јас сум всушност Босанка. Тоа што поднесов барање за хрватско државјанство е рационална, а не емоционална одлука“, вели Ема Печенковиќ од Бихаќ, кој се наоѓа близу босанско-хрватската граница.

Ема е ќерка на босанска Хрватка, па оттука има право на хрватско државјанство. Тоа ѝ овозможува да сонува за подобра иднина, со оглед на тоа што шансите да најде работа во Босна се мали. Дипломирала економија и во потрага по работа е повеќе од три години, но без успех. „Дали потоа ќе барам работа во Хрватска или некаде на друго место, во Австрија или дури Германија, не знам. Најважно прво е да сум обезбедена“, вели Ема.

Многу барања - многу нови ЕУ-граѓани

Со барања од луѓе како Ема, ЕУ за догледно време може да доживее голем скок на бројот на население. Дел од новите членки на ЕУ, како Хрватска, Бугарија и Романија, имаат олеснети постапки за државјанство за определени групи лица од трети држави, односно за луѓе кои живеат надвор од тие земји, но кои имаат заедничка култура, јазик или историја.

Symbolbild Reisepass Ungarn Archiv

Унгарците кои живеат во странство може да побараат државјанство доколку нивните предци биле унгарски државјани

„За овие луѓе не важат определени предуслови за добивање државјанство“, објаснува Карин Траунмилер од Одделот за меѓународно право и меѓународни односи на Институтот за европско и меѓународно право на универзитетот во Виена. „Не е потребно да се има место на живеење во земјата чие државјанство се бара. Подносителот на барањето, на пример, може да добие романско државјанство без да има место на живеење во Романија. Исто така, лицата не мора да се откажат од своето дотогашно државјанство. Двојното државјанство е легитимно“, вели Траунмилер.

Многу формулации во законите за добивање државјанство се многу непрецизни и им оставаат голем „простор за игра“ на властите при донесувањето на одлуките. „Унгарците кои живеат во странство може да побараат државјанство доколку нивните предци биле унгарски државјани или е веројатно нивното унгарско потекло. И доколку го познаваат унгарскиот јазик. Формулацијата ’веројатно унгарско потекло’ е многу општа“, вели Траунмилер. „Или да ја земеме Бугарија - секое лице со бугарско потекло може да добие бугарско државјанство.“

Bulgarien Flagge

Секое лице со бугарско потекло може да добие бугарско државјанство, вели Траунмилер

Во хрватските закони, пак, станува збор за „припадност на хрватската нација“. Оној кој сака да стане хрватски државјанин, мора да ги почитува правниот поредок и обичаите на земјата, нагласува Траунмилер.

Босанската Хрватка Ема се смешка на ваквите работи. „Па, ако тоа значи дека сум го славела Божик, тогаш тоа се однесува и на мене. Но јас сум ги славела и муслиманските празници, затоа што сакам да прославувам.“ Нешто потешко ќе ѝ биде да образложи писмено зошто се смета себеси за Хрватка.

Олеснета постапка за државјанство и во Западна Европа

Олеснетите постапки за државјанство не се специфика само за централно и источноевропските земји, вели Траунмилер. Такво нешто има и во Грција, Италија, а познати се и во Шпанија и важат за подносителите на барања од Латинска Америка. Според Траунмилер, тешко е да се процени колку државјани во иднина ќе има ЕУ, затоа што причините за барање државјанство се главно економски.

Траунмилер ценува дека постигнување единствени правила и постапки на ниво на ЕУ нема да биде едноставно: „Правилата за доделување државјанство се прашање на секоја одделна држава. Дури и во меѓународното право, правилата за државјанство се последниот бастион на суверенитетот. Нема насоки за одделните земји околу тоа какви предуслови би морале да бидат исполнети за да се додели државјанство.“

Како ќе реагира ЕУ на очекуваниот голем скок на бројот на ЕУ-граѓани? Италијанската влада веќе протестираше против „лабавите“ закони на други држави. Италија, имено, е примарна цел на молдавските граѓани кои добиле романско државјанство.