1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во ЕУ се зачленуваат држави а не одделни етникуми

Во реакциите на последната изјава на потпретседателот на ДУИ Рафиз Алити, партиите и експертите од албанскиот блок укажуваат дека сите во земјата треба да размислуваат на ист начин како да се реши проблемот со името.

default

Седиштето на ДУИ во Мала Речица

Албанците во Македонија и нивните политички партии продолжуваат да се однесуваат со потребна внимателност кон националните чувства на своите сограѓани – Македонци, кога станува збор за нивниот национален идентитет и името на државата во преговорите за спорот со Грција“, ова е дел од реакциите во албанскиот политички кампус и во експертската јавност по вчерашната изјава на потпретседателот на ДУИ, Рафиз Алити дека „Албанците ќе влезат во НАТО и во ЕУ со или без Македонците.“

За секој потег во спорот со името е потребен внатрешен меѓуетнички консензус

Алити во изјава за Дојче Веле повтори дека го кажал ова „ како потпретседател на партијата и оти таквиот негов став го споделуваат и повеќемина други во ДУИ“. Алити вели дека „само сакал да посочи на потребата да не се влошуваат преговарачките позиции на Македонија со Грција и оти за секој потег, па и за евентуален референдум за името, е потребен внатрешен меѓуетнички консензус во земјата“.

Menduh Taci

Тачи: „Времето ги гази оние од ДУИ“

На оваа тема се огласија и албанскиот амбасадор во Македонија Арбен Чејку по денешната средба со лидерот на ДПА Мендух Тачи во Тетово. Запрашан како ја коментира изјавата на Рафиз Алити, како и една евентуална ситуација ако Македонија наиде повторно на грчко вето, Чејку рече: „Република Албанија е заинтересирана Македонија да стане колку е можно побргу членка на НАТО и Европската Унија. Ова интегрирање е и во интерес на билатералните односи на нашите две земји. Ист таков интерес земјата да влезе во евроатлантските интеграции го наоѓам и кај Албанците во Македонија. Албанскиот политички фактор во оваа земја е обединет околу важноста на нејзиното зачленување во ЕУ и во НАТО“.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи истакна: „Времето ги гази оние од ДУИ. Седми декември е тука и тие ќе бидат најнажалените што придонеле кон овој процес, апсурден и фатален за Македонија, кон процесот на нејзиното дефинитивно оддалечување од НАТО и ЕУ. Луѓето од ДУИ ќе бидат одговорни и пред Албанците и пред сите граѓани на Македонија.“

Референдумот нема да предизвика нарушување на меѓуетничките односи

Дојче Веле побара коментар и од универзитетскиот професор за уставен и политички систем на ФОН универзитетот во Скопје Осман Кадриу: „Овде ние треба да гледаме како држава, а не како посебни етникуми дали и кој ќе влегува во НАТО и во ЕУ. Зашто, во овие интеграции се зачленуваат само држави, а не конкретни нации, конкретни етникуми. Сите треба да размислуваме на ист начин како, на кој начин да се реши спорот за името со Грција. Сакам да нагласам нешто и околу референдумот: не сметам дека тој ќе предизвика состојба на затегнатост и нарушување на меѓуетничките односи во македонија. Но, евентуалното одржување може да предизвика политички последици во релациите на Македонија со меѓународната заедница, особено со Европската Унија. Сепак, секоја одлука околу референдумот ќе ги засега сите граѓани на земјата и затоа треба да се расчистат многу дилеми.“

Партијата „Нова демократија“ на Имер Селмани преку својот гласноговорник Аријанит Хоџа денеска кажа: „Македонија се наоѓа во моментов во една многу позитивна клима и не смееме во ниеден момент да сееме негативни влијанија и песимизам, бидејќи се наоѓаме во процесот на преговарање со Грција .“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски