1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Во ЕУ владее хомофобија

Две третини од припадниците на ЛБГТ заедницата во ЕУ се плашат да ја изразат својата сексуална ориентација и мнозинството се чувствуваат дискриминирани, покажува извештај на ЕУ на меѓународниот Ден против хомофобијата.

„Страв, изолација и дискриминација се секојдневни феномени за ЛБГТ заедницата во Европа“, забележува директорот на Агенцијата за основни права на ЕУ, Мортен Кјерум. Во интернет-анкетата, опишана како најголема од тој вид, учествувале околу 93 илјади луѓе од земјите на ЕУ плус Хрватска. Нешто помалку од една четвртина од нив (26 проценти) изјавиле дека биле физички или вербално нападнати во последните пет години. Особено страдале трансексуалците, од кои 28 проценти рекле дека биле нападнати или биле цел на закани повеќе од три пати во последните 12 месеци поради нивната сексуалност. Некои од анкетираните оцениле дека дури и во земји кои се сметаат за традиционално толерантни, состојбата се влошува.

Во Холандија, прва земја во светот која ги легализираше хомосексуалните бракови во 2001., речиси 20 проценти од испитаниците се чувствуваат дискриминирани кога одат во некој спортски клуб или болница, бараат стан или имаат работа со банка. Просекот на ниво на ЕУ е 32 отсто. Највисоко чувство на дискриминираност има во Литванија (42 отсто), Хрватска (41 отсто), Бугарија (40 отсто) и Романија (39 отсто).

Најголемиот дел од луѓето се плашат да ги пријават случаите во полиција, вклучително и во земји како Франција, каде неодамна во центарот на вниманието беше еден претепан геј пар.

Две третини од анкетираните и три четвртини од мажите хомосексуалци изјавиле дека се плашат да ја откријат јавно својата сексуална ориентација.

Според извештајот на европската агенција, дискриминација најчесто започнува уште во училиштата, каде две третини од анкетираните ја прикривале својата сексуална ориентација.

„И десет години подоцна, навредите во училиштето се’ уште ги сметам за најлоша форма на насилство кои сум ги преживеал“, вели еден 25-годишен Малтежанец.

„Земјите членки мора да им обезбедат сигурност на учениците од ЛБГТ заедницата во училиштата, затоа што тоа е местото каде започнува нивното негативно искуство, социјалните предрасуди и исклученоста“, се наведува во извештајот.