1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Египет воведена вонредна состојба

Поради судирите во земјата, египетскиот преоден претседател Адли Мансур донесе одлука за воведување вонредна состојба во траење од 1 месец. Воведен е полициски час во Каиро и 10 други провинции од 19 до 6 часот изутрина.

Насилството во Египет, по расчистувањето на протестните кампови во Каиро, се прелеа во други градови. Во судирите меѓу приврзаниците на соборениот претседател Мохамед Мурси и полицијата во провинцијата Фајум, убиени се 17 лица, јавија денеска (14.08) египетските државни медиуми. Соработник на Министерството за здравство, пак, зборуваше за петмина загинати во Суец. За судири се јавува и од Минја, Асуит и Александрија.

Во Каиро, по расчистувањето на камповите на исламистите, бројот на жртвите се зголемува. Сепак, податоците за загинати се разликуваат многу. Од редовите на демонстрантите пред џамијата Рабеа ал Адавија, каде беше еден од камповите, за агенцијата ДПА изјавија дека има 20 загинати демонстранти, додека студиото на германската телевизија АРД во Каиро известува за најмалку 25 жртви. Репортер на агенцијата Франс прес зборува за 124 загинати, но меѓу нив нема жени и деца. Министерството за здравство во Каиро пак, соопшти дека има 95 загинати и 874 повредени.

Членови на Муслиманското братство јавуваат за повеќе стотици загинати и илјадници повредени. Бројот на жртви се‘ уште не е потврден од независен извор. Муслиманското братство расчистувањето на камповите го означи како „масакар“. Египетскиот активист Мохамед Солтан на Твитер и за телевизијата Ал Џазира соопшти дека полицијата пука со боева муниција. Притоа загина и еден камерман на Скај Њуз.

Голем дел од демонстрантите во Каиро се засолнија откако изутринава полицијата почна голема акција за расчистување на камповите на исламистите. Дел од демонстрантите пружаа отпор. Според очевидци, полицијата употребила солзавец и гумени куршуми. Приврзаниците на Мурси гаѓале со камења и шишиња. Според репортер на ДПА, во квартот Наср Сити демонстранти пукале врз полицајци, а активист изјави дека полицијата пука со боева муниција врз тие што протестираат.

Железничкиот сообраќај во прекин, аеродромот блокиран

Министерството за внатрешни работи на Египет донесе наредба за запирање на железничкиот сообраќај кон и од Каиро. Со тоа треба да се ограничи слободата на движење на можни протестни групи. Полицијата и армијата, освен тоа, ги блокираа улиците околу меѓународниот аеродром во Каиро. Поради загриженост од неконтролиран бран насилство, Централната банка на деловните банки им препорача да не ги отвораат своите филијали во регионите каде има насилство.

Демонстрантите во Египет бараат враќање на власт на Мохамед Мурси, кој беше симнат од претседателската функција од страна на армијата на 3. јули, по масовните протести во земјата.