1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Во европски или грчки интерес е Македонија да не добие датум за преговори?

Во анализа за ДВ проф. Акст вели дека новото блокирање на Македонија ќе значи дека Грција во преден план ги има националните, а не европските интереси. Критика на адреса на Скопје упати социјалдемократот Јосип Јуратовиќ

Македонија има искуство со грчките блокади. Ќе ја преживее и веќе најавената која би требало да се случи на декемврискиот самит на Европскаиот совет. Македонците веќе оттрпнале. Има ли значење препораката или таа е само безвреден документ чија тежина паѓа во вода под притисокот на Грција, земја членка која последниве години најмногу се повикува и ја ужива солидарноста на еврпското семејство?
„За веродостојноста на препораките на Европската комисија има различни 'играчи' за кои може да се дискутира. Најпрва тука е Грција, која уште еднаш потврди дека не е подготвена за компромис во кој би имало можност преку давање и земање меѓу Атина и Скопје, да се изнајде разумно решение за спорот околу името. Вториот 'играч' е Европската унија, која на ниво на шефови на држави и влади е зависна од гласот на Грција. Со одбивањето на Грција да го даде својот глас, се покажува дека Унијата со 28 членки е блокирана и кога само една членка каже - не. Од една страна ова е голем проблем, зашто оној кој не е подготвен за компромис, нема ни никаков предизвик истиот и да го бара! Од друга страна, пак, кога станува збор за сериозно прашање од типот дали треба да има поголемо доближување на државите до ЕУ - би требало сите членки да се изјаснат дека сакаат оваа држава (Македонија н.з.) да стане дел од Унијата. Но, во спорот со името е така што Грција не го сака доближувањето на Македонија до ЕУ, не поради некакви европски интереси, туку поради свои лични, национални. Тоа треба јасно да се разграничи. Би можел да ја сфатам Грција кога би кажала дека не гледа дека доближувањето на Македонија е во интерес на Еврпската Унија и заради тоа го попречува, но не можам да сфатам кога тоа го прави од национално политички побуди“, изјави во разговор за ДВ проф. Хајнц-Јирген Акст, добар познавач на Балканот и долгогодишен

Prof. Heinz-Juergen Axt

Грција профитира од замореноста од проширувањето кај земјите членки на ЕУ. Проф. Хајнц-Јирген Акст

раководител на катедрата Жан Моне на Универзитетот Дуизбург – Есен.

Замореноста од проширувањето е добо оправдување!

Според него, важен момент е и што Европската комисија во суштина од една страна покажува добра волја, сака преговорите да започнат и вели дека според образецот мора да има давање и примање и има желба на овој пат да ја придружува Македонија. Но, од друга страна нејзината понуда во јавноста не е целосно согледана, зашто Европа се гледа како целина и во неа игрите на ветото на Грција се гледаат како централни.

Проширувањето, а уште помалку Македонија се приоритети на идниот претседавач со Унијата – Грција. Значи ли ова дека пристапните преговори на Македонија се забетонирани на неопределен период?
„Најпрво, мислам дека Грција и натаму би можела да се потпира на својата досегашна политика зашто забележува дека во целата Европска унија никој нема волја да го форсира процесот на проширувањето. Во Франција, Германија, Италија или сеедно каде - се зборува за замореност од проширувањето. Така Грција не мора да очекува некаква голема опозиција од европските партнери и добро се вклопува во актуелните токови за оваа тема. Во моментов, тоа е голема предност на Грција. Ако една држава сака да има добро, успешно претседателство со ЕУ, тогаш повторно треба да си го постави прашањето: што е добро за се'вкупна Европа, а не - што е добро за мојата земја! Значи ова би требало да се праша и Грција. И сметам дека би можела да го најде вистинскиот пат, иако има поинакво мислење, па би можела да каже дека за Европа би било добро Македонија да исчекори нанапред. Ако ова политички умно се истактизира, би можело да претставува вистинска 'отскочна штица' за

Mazedonien- Stefan Füle und Nikola Gruevski

Штефан Филе и Никола Груевски

потиснување на спротивставувањето кај сопствениот народ. Би можела во тој случај да каже дека поради претседателтвото со ЕУ мора да се направи и исчекор околу спорот со името. Тоа би можело да се направи. Теоретски сево ова можам да си го претставам, но признавам дека сум многу скпетичен дека во реалноста ова може и да се случи!“, коментира за ДВ проф. Хајнц-Јирген Акст.

Што појужно, се’ потажно!

Јосип Јуратовиќ, од пратеничката група на социјалдемократите во Бундестагот упатува остри критики врз земјите од регионот, не заобиколувајќи ја и Македонија. Оценките од Брисел за напредокот на земјите и толкувањето на истите од страна на поединечните влади тој ги споредува со „театар“. „Во суштина вистински напредок нема. Во Македонија јас гледам всушност назадување. Се прашувам и каков е ефектот од презентациите на Македонија кои владата ги прави низ светот? Колку странски претпријатија навистина и стасале во земјата? Убаво е што младата и амбициозна владина гарнитура ја презентира и фали својата земја во странство, но што има народот од тоа? Не сакам да критикувам, но предзнакот на регионот ‘што појужно, тоа потажно’ и натаму останува. Информациите кои ги имам од различни извори велат дека Македонија стана општество во кое владее страв, во кое луѓето се плашат да го кажат своето мислење, а младите не се осмелуват да критикуваат зашто

Josip Juratovic

Македонија стана општество во кое владее страв Јосип Јуратовиќ.

стравуваат за сопствената професионална иднина. Жал ми е што е така, зашто Македонија ја познавав како отворено општество“, подвлекува за ДВ Јуратовиќ. Втората закана за македонската иднина тој ја гледа во иселувањето, особено на оние Македонци кои имаат бугарски пасоши и кои едвај ја чекаат 2014 година и отворањето на европскиот пазар на трудот. Трет проблем, но не помалку е значаен е - националната поделеност, зашто иако сите се колнат во Охридскиот договор, како вели Јуратовиќ, во практика истиот ја нема вистинската функционалност.
„Ова сего го кажувам зашто во Европа се прави голема грешка во комуникацијата. Кога станува збор за Македонија, секогаш главниот проблем се врзува за проблемот со името и Грција. Според мене, тоа не е најважното прашање, зашто проблемот на Македонија е од внатрешен карактер. Земјата не ги решава вистинските проблеми (невработеност, слобода на изрзување и медиумите, независноста на судството) . Има многу шоу, многу повеќе фасада, отколку вистинска супстанца. Колку побрзо се прецизира дека централниот проблем е на друго место, толку подобро ќе биде за сите“, предупредува Јуратовиќ, кој е убеден дека вистински исчекор ќе се направи доколку политиката се зафати сериозно со темите што се регулирани во поглавјата 23 и 24, а кои се однесуваат на владеењето на правото, правосудството, борбата против корупцијата и криминалот.
„Јас велам отворено и јасно: македонската, албанската, босанската влада, за Србија сега не сум сигурен, не сакаат во ЕУ. Ако сакаат - ќе се однесуваат поинаку! Место на шоу презентации, ќе работат на развојот на општеството. Поглавјата 23 и 24 се последните кои владите ќе сакаат да ги завршат. Владите треба да го сработат она што треба, а не Брисел. Во чиј интерес е Македонија да стане членка на Унијата? Во македонски или европски? ЕУ се користи како утеха. Се вели 'некогаш Македонија ќе стаса на ред, ама сега ете - не не сака Брисел'. Тоа не е вистина! Но, ќе дојде време кога политички ќе биде многу важно Македонија како земја да стане членка на ЕУ“, порачува во разговор за ДВ Јосип Јуратовиќ, од пратеничката група на социјалдемократите во Бундестагот.