1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Во еврозоната се заговара исклучување на Грција

Грчките лидери до вечерва треба да ги исполнат ветувањата кон ЕУ за пакетот реформи. Неколку земји-членки на еврозоната бараат заминување на Грција. Претседателот Папуљас се откажа од платата.

Грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос вети дека земјата ќе ги исполни сите услови поставен од Европската унија до почетокот на телефонската конференција на министрите за финансии од еврозоната закажана за вечерва.

Телеконференцијата беше закажана како замена за планираниот состанок на министрите за финансии во Брисел, кој беше откажан откако од Атина повторно не стигнаа најавените ветувања.

Од Владата во Атина се очекува да испланира дополнителни кратења од 325 милиони евра во буџетот, а од политичките лидери да испратат писмо со поддршка за реформите. До денеска на пладне овие барања не беа исполнети.

Од Пасок веќе соопштија дека лидерот Јоргос Папандреу го потпишал писмото. Истото го стори и првиот човек на конзервативната Нова Демократија, Андонис Самарас.

„Грција се наоѓа на работ на бездната. Мораме да му соопштиме на грчкиот народ дека неколку земји-членки на еврозоната повеќе не не’ сакаат таму“, изјави Венизелос по средбата со претседателот Каролос Папуљас. Иако не наведе кои се тие земји, Венизелос инсистираше дека местото на Грција и натаму е во еврозоната. Тој истовремено соопшти и дека претседателот Папуљас одлучил да се откаже од својата плата за да помогне во време на криза.

Griechenlands Staatspräsident Karolos Papoulias

Каролос Папуљас се откажа од платата

Дека постојат сомневања во способноста на Грција да ги реализира реформите и да ги оствари ветувањата потврди германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. Тој денеска предупреди дека нема да дозволи да се „фрлаат пари во бунар без дно“.

„Рековме дека сите услови мора да бидат исполнети пред да ја донесеме конечната одлука. Се сомневам дека сите услови се исполнети“, рече Шојбле, кој отворено се посомнева дека новата грчка влада која треба да биде формирана по изборите во земјата ќе ги исполни преземените обврски.

Што по изборите во Грција?

Сомнежите се множат и во другите европски центри. Агенцијата Асосиејтед Прес денеска објави анализа во која цитира повеќе анонимни европски функционери кои стравуваат дека ниту вториот пакет помош за Грција нема да функционира.

„Постојат незадоволство, недоверба и многу горчлива дебата. Многумина не и’ веруваат на Грција и тоа е клучниот елемент“, вели висок функционер на ЕУ. Најголемите критики за Атина, освен од Берлин, доаѓаат и од Холандија и од Финска. Сомнежите се големи дека со почетокот на предизборната кампања и формирањето на новата влада по предвремените избори во Грција, политичарите ќе ги заборават ветувањата за реформи.

Иако во ЕУ се’ повеќе се убедени дека, во крајна линија, би можеле да издржат и евентуален банкрот на Грција, сепак, повеќе претставници на Унијата велат дека вториот пакет најверојатно ќе биде одобрен, во прв ред за да не се внесе дополнителна несигурност на пазарите и да не се загрозат други земји-членки на ЕУ ви криза, како Португалија.

Автор: Борис Георгиевски/СН/ап/афп

Редактор: Александра Трајковска