1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Давос-критика на капитализмот

Топ менаџери, политичари и економски експерти од цел свет се во Давос на разговори за состојбата во светот. Изминатите години водечките елити се славеа самите, годинава се најавува самокритика.

default

Иако се сретнаа само пред неколку недели во Копенхаген, водечките политичари и експерти пристигнуваат на годишната конференција во Давос, која за разлика од климатскиот самит нема за цел да донесува одлуки. Во Давос треба да се дискутира, чесно. Но зар не е се’ кажано, за климатските промени, за финансиската и економската криза? По крахот на финансиските пазари на крајот на 2008 година до сега се одржаа десет големи светски самити. Толку многу говори на меѓународната сцена и толку многу советувања, ретко кога имало во минатото. Од сето тоа произлезе многу малку, смета Петер Вал од организацијата „Вид“, која се занимава со светската економија, екологија и развојот: „Сега се размислува, како може да се постапи поинаку. Овие размислувања не се завршени, всушност речиси ништо не е променето во практичната политика. Првите обиди се прават во националните законодавства, но не се зборува за тоа дека во праксата е етаблирана поинаква регулација на финансиските пазари.“

Logo Weltwirtschaftsforum in Davos

Првите знаци дојдоа на пример од претседателот на САД, Барак Обама, минатата недела: тој сака во иднина да ја ограничи моќта на банките, дури и ако има потреба да ги подели. Ниту еден институт во иднина не смее да биде толку голем, за да може да го повлече целиот финансиски систем во бездна. Во Давос ќе се разговара за овие, но и за други планови, истакнува Петер Вал од организацијата „Вид“. На самитот, покрај политичарите, на конференциските маси ќе седнат и оние кои ја предизвикаа кризата, банкарите и менаџерите: „Очекувам дискурс во однос на етичкото однесување и за тоа дека треба да се сменат правилата,“ истакнува Вал.

Токму за оваа тема во Давос се очекуваат интересни дискусии, со оглед на тоа што во многу финансиски институти се врати секојдневието, вклучително и бонусите и финансиските обложувања. Имено, за да расцвета нежното цвеќенце - конјунктурата, емисионите банки со месеци ги преплавуваат финансиските пазари со ефтини пари, каматните стапки се на историско ниско ниво, - на овој начин повторно се инвестира и заработува на берзата.

Затоа во Давос ќе се разговара и за „новата криза“, за проблемите со финансиските меури, и за бонусите на менаџерите, иако далеку од очите на јавноста.

Schweiz Wirtschaft Weltwirtschaftsforum in Davos Landschaft

Давос

Учесниците на собирот во Давос не се плашат и од големите прашања: на пример на една конференција ќе се разговара за иднината на пазарното стопанство „Огромната помош од државите и губењето на довербата во претпријатијата бараат темелна проверка на структурата и духот на капитализмот. Кои елементи од пазарното стопанство треба да се преосмислат?“, прашуваат организаторите во програмата за самитот во Давос, кој годинава критички ќе се осврне кон капитализмот. Петер Вал: „Верувам, дека барем на политичките врвови им стана јасно дека повеќе не е можно да се продолжи како досега. Кон ова доаѓаат лекциите кои последниве години ги извлековме од финансискиот крах и од драматиката на климатската криза. Но, од конференцијата во Копенхаген произлегува дека патот до вистинските увиди, се’уште е долг.“

Од Давос годинава може да се очекуваат импулси за ново регулирање на финансиските пазари, прашањето е дали пораката ќе стигне до политичарите имено шефовите на држави и влади на големите земји на крајот на месецов нема претежно да патуваат за Швајцарија, туку во Лондон на конференцијата за Авганистан.

Автор: Манфред Гецке/Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска