1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во виртуелна војна: Талибанци - ИСАФ 1: 0

Талибанците во Авганистан доцна „ги открија“ Фејсбук и Твитер како средства за својата пропаганда. Цел на виртуелната војна е кој да ги придобие младите.

Талибанците во Авганистан од неодамна востановија форум на својата официјална интернет-страница, на кој одговараат на теми од областа на религијата, а даваат и известувања за нивната идеологија. На прашањата од корисниците лично одговара портпаролот Забиулах Муџахид.

Еден млад корисник, загрижен за својата слобода доколку талибанците повторно дојдат на власт, праша: „Дали исламскиот емират ќе биде екстремистички како во минатото и ќе применува сила против младите? Ќе мораат ли младите повторно да носат бради, а да ја избричат косата, и ќе им биде ли забранета телевизијата и музиката?“ На конкретните прашања портпаролот на талибанците одговори индиректно: „Авганистанските млади се муслимани, ги почитуваат муслиманските обичаи. Тие правила не се наредени од нас, туку од Бога и ние мораме да се придржуваме кон нив“. Но, барем би се стремеле во општеството да бидат спроведени само „неопходните“ правила, а „ненужните“ не би биле практикувани.

Талибанците ја осознаа ползата од медиумите

Afghanistan Taliban

Освен со оружје талибанците се служат и со социјалните мрежи

Не е познато дали младиот корисник е задоволен од таквиот одговор. Во секој случај е забележливо дека талибанците засилено сакаат да им се обраќаат на младите, кои претставуваат половина од населението на Авганистан. Од 1996 до 2001 година, додека беа на власт, беа забранети секакви визуелни медиуми. Во меѓувреме се чини дека талибанците ја осознаа ползата од тие медиуми, како претходно Ал Каеда и Осама бин Ладен. „Дури откако беа соборени од власт, талибанците започнаа да ги користат тие медиуми за својата пропаганда“, вели Вахид Мојда, експерт за авганистанскиот екстремизам. „Тие се прилагодија на промените на времето, за да ја добијат војната и во медиумите“. Според Мојда, интересот на Талибанците е пред се’ насочен кон социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер.

Натпревар преку Твитер

И во ИСАФ забележија дека се отвора ново, виртуелно боиште, па може јавно да се следи виртуелната размена на удари на твитер-адресите на двете страни. ИСАФ се обидува, на пример, да парира коригирајќи ги претераните бројки за жртвите и други неточни вести. „Нашите корисници ја ценат можноста да добијат реални информации од официјални извори на ИСАФ преку платформа која ионака најчесто ја користат“, вели за ДВ портпарол на меѓународните сили. Податокот за преку 24 700 следбеници на Твитер и речиси 100 илјади пријатели во Фејсбук е потврда за тоа.

Променета реторика на талибанците

Талибанците уште не можат да се носат со такви бројки. За да ги придобијат младите, тие во меѓувреме го прилагодија и јазикот, укажува Амин Азими, медиумски експерт од Авганистан: „Некаде од 2008 година тие се претставуваат како поумерени, што се изразува и преку посилно патриотски обележана реторика. Многу се заборува за нација, слобода, крај на окупацијата, но веќе не толку многу за безбожниот Запад“. И експертот за екстремизам Вахид Мојда во тоа гледа обид на талибанците да си изградат нов имиџ: „Целна група се првенствено младите, кои со тоа сакаат да ги приврзат кон себе“.

На младиот корисник во форумот можеби не му беше одговорено на прашањето, но веројатно се промени неговата претстава за талибанците како насилници. Значи, 1:0 во виртуелната војна во Авганистан.