1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Во Велика Британија и натаму е на сила највисок степен на тревога

Полицијата продолжува со потрагата по повеќе лица осомничени за тероризам.

Под удар на мерките за безбедност се најдоа особено сите шишиња и лименки за пијалоци

Под удар на мерките за безбедност се најдоа особено сите шишиња и лименки за пијалоци

До сега се уапсени 24-ица, претежно од муслиманско потекло, кои според сознанијата на британските сили за безбедност планирале атентати врз 10-тина патнички авиони со крајна цел во САД. Поради засилените мерки на безбедност дојде до голем хаос во меѓународниот воздушен сообраќај.

Стотици летови за и од британските аеродроми вчера беа едноставно сторнирани. Најтешка е состојбата на најголемиот европски аеродром Хитроу во близината на Лондон, од каде заминуваат и најголемиот број прекуокеански летови. Во аеродромските хали владее напната атмосфера, патниците се вознемирени и се туркаат пред шалтерите. Некои од нив покажуваат разбирање за ваквата ситуација, а други не можат да се помират со ваквите мерки на засилена контрола. Една жена никако не може да сфати зошто не може да го понесе рачниот багаж во авионот:

„Ако сега префрлам се‘ од мојата чанта во куферот, тогаш бомбата што наводно ја имам, нема да биде во кабината на авионот, туку во неговиот труп. Па тоа не менува ништо!„

Експертите за безбедност меѓутоа имаат поинакво мислење. Според сознанијата на тајните служби, терористите планирале да прокриумчарат елементи за експлозивна направа, разделени на повеќе дела. Тоа биле соодветни течни хемикалии, кои кога ќе се спојат на соодветен начин можат да предизвикаат ефект на вистинска бомба. Според планот, најголемиот дел од хемикалиите требало да бидат сместени во непровидни шишиња за фитнес напитоци, а дел во шишенца за млеко. Како запалки за бомбите требало да послужат вокмени и други направи за слушање музика по пат.

Извори на Сколанд Јард тврдат дека спречената серија атентати ќе предизвикала неверојатно голем број жртви. И британскиот министер за внатрешни работи Џон Рид оцени дека станува збор за најголем тероростички заговор од нападите врз САД од 11. септември 2001-та година. Тој во исто време апелира до населението да остане мирно и да не крева паника. Најважните фигури на заговорот се уапсени, посочи смирувачки и шефот на Скотланд Јард Питер Кларк. Тој потврди дека уапсените лица се британски државјани, кои живееле во Лондон и околината, во градот Бирмингем и во Тејмс Вели. Тој меѓутоа не сакаше да открие ништо повеќе околу нивниот идентитет. Во меѓувреме Бенк оф Ингланд објави список од 19 лица чии банковни сметки се блокирани по налог на Министерството за финансии. Најголемиот дел од имињата звучат муслимански, а станува збор претежно за жители на Лондон.

Акцијата на владата на Тони Блер наиде на одобрување и кај британската опозиција:

„Јас би бил првиот кој би ја критикувал владата за претеран акционизам. Но, во овој случај нема што да му приговорам на тимот на премиерот Тони Блер. Тоа беше добро примислена акција што заслужува големо признание„ – порача пратеникот на конзервативната опозиција, Дејвид Дејвис.