1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Во Бугарија цвета интернет пиратерија

Во текот на 2013. година Бугарија повторно беше вратена на листата на држави, на ткн. пиратски список на САД. Таму се наоѓаат држави кои не ја почитуваат интелектуалната сопственост.

Главната причина Бугарија повторно да биде ставена под набљудување не е во ткн. физички форми на пиратство, туку поради растечката пиратерија на интернет. Според САД таквата форма на незаконска дејност е широко распространета во Бугарија и останува неказнета.

„Според САД, самиот факт што фирмите од САД не успеваат на бугарскиот пазар да продаваат свои производи, значи дека тие продукти се крадат, а државата не прави доволно за заштита на странската интелектуална сопственост“, вели за ДВ, заменикот-министер за економија Красин Димитров. Во Вашингтон тој учествува на сослушување во пресрет на изработката на новата ткн. пиратска листа за 2014. година, каде ги претставил мерките кои Бугарија ги презема за ограничување на пиратеријата.

Krasin Dimitrov stellvertr. bulgarischer Wirtschaftsminister

Красин Димитров

Остри казни за пиратите?

Бугарија не е на списокот на земји, ткн. Список 301 кој се смета за своевидна црна листа на САД, но се наоѓа во друштво на други членки на ЕУ како Романија, Шведска и Италија кои се постојано набљудувани и се смета дека имаат сериозни проблеми.

САД тврдат дека во Бугарија има постојани, масовни нарушувања на авторските права на интернет преку нелегално собирање на музика, филмови, игри, софтвер итн. Освен тоа, во земјата често се регистрираат фалсификувани трговски марки, а носителите на правата не успеваат да добијат судска разврска. Американците сметаат дека само со остри казни против познатите „играчи“ на пиратската сцена може да се стави крај на таквата пракса. Таквиот став неодамна беше цитиран и од списаните Форбс, каде американски претставници изјавија дека треба да се предвидат казни од 5 до 10 години затвор, како и глоба до 250 илјади долари за големите интернет пирати.

„Проблемот треба да се реши, но ние не сакаме да ја ограничуваме слободата, за нас во Европа тоа е приоритет“, вели Димитров. Според него, борбата против пиратеријата треба да се води како со построги казни, така и со изнаоѓање на финансиски и технички решенија и преземање на колективни мерки во државите.

Расте интернет-пиратеријата

Борбата против пиратеријата ќе станува сѐ потешка, вклучително и во Бугарија, поради различните филозофии од двете страни на Атлантикот, но и поради растечката „пиратска“ армија во светот. Според анализата на Форбс, бројот на интернет пиратите во светот полека ја надминува бројката на оние кои се противат на пиратеријата, а анкетите во САД покажуваат дека 70 проценти од граѓаните не гледаат ништо лошо во пиратеријата. Противзаконските акти се прифаќаат како „право“ и „израз на слобода“.

Една интересна анализа на текот на интернет покажува дека само во јануари 2013. година 432 милиони индивидуи ширум светот испиратирале некаква содржина на интернет. Од нив, 169 милиони биле во Европа. Истите анализи покажуваат дека 64 проценти од корисниците во Централна и Источна Европа се служат со пиратерија. Во најголем дел, пиратеријата се практикува за филмови и порнографија- 34 проценти од пиратските содржини се порнографски, а 30 отсто отпаѓа на филмови. Останатите проценти се распределени меѓу телевизиските програми, музика, игри и софтвер. Електронските книги опфаќаат едвај 0,2 проценти од пиратските кражби.